Денес ќе излезам од вообичаените дневно-политички рамки на нашето секојдневие и би сакал да ги споделам моите гледишта за еден народ кој низ вековите, а особено во дваесеттиот, век се соочувал со геноцид, прогон, уништување. Бидејќи се ближи денот со кој се одбележува страдањето на Евреите од Македонија во холокаостот, би сакал да ја споделам својата емпатична позиција во однос на оние македонски граѓани кои биле подложени на неправда и болка. Едно е јасно – Евреите се народ кој е исклучителен и кој има огромен придонес за светската цивилизација.
Од времето на прогонот, во рамките на Римската империја, кога зарди опресија и нужност се раселиле на југ, запад и исток, тие се под перманентна закана за нивна деградација, дисквалификација, но и целосно уништување. Познати се погромите на Евреите во средниот век во Англија и Шпанија. Меѓутоа, најголемиот погром беше направен во Втората светска војна од страна на Хитлерова Германија.
Еврејскиот народ, кој во себе го има вкоренето длабоко чувството на припрадност и чувството на сопствената вера, предизвикува кај остатокот од светот неугодност, отпор и негација. За мене, народ кој повеќе од 2000 години е прогонуван и уништуван, а сепак успеал да ги сочува своите вера, јазик и култура, е за почит. Она што е воочливо е дека во ниту една од земјите каде што се населиле немале аспирации да ја преземат власта. Секогаш чесно и вредно работеле, мудро негувајќи ја својата култура во рамките на другите култури.
Еврејскиот народ секако не е единствениот кој страдал низ вековите. Сепак, нивниот страдалнички пат е можеби од најголеми размери. Дали ние како современици, кои го споделуваат животот со оваа заедница, сме во состојба да изведеме некои заклучоци, а тие заклучоци да бидат дефинирани со некои законски одредби, со цел антисемитизмот засекогаш да се санкционира. Не сум правник, не сум научник, но чувствувавм дека недостасува механизам за борба против антисемитизмот и, генерално, против говорот на омраза. Бидејќи во политичкото секојдневие, не само кај нас туку насекаде, не знаеме ниту можеме да осетиме кога власта ќе биде зграпчена од луѓе кои приклонуваат кон антисмеитските, расистичките, па, би рекол, и фашистичките пориви. Почвата за ваквите пројави е многу погодна, бидејќи сѐ уште нема решение кое ќе ги стабилизра застаршувачките динамики на Блискиот исток, вклучувајќи ги оние помеѓу Иран и Израел.
И во Европската унија, не е тајна, дека постојат полутајни, но и јавни „друштва“ кои ги воспеваат нацистичките и фашистичките идеологии. Сите мораме да бидеме будни и да се спротиставиме на новите национализми и фашизми, кои им се закануваат напридобивките на слободата, мирот, еднаквоста и прогресот на човештвото.
Живееме во демократски општества, во земји со долга демократска традиција, но и во земји со покуса и тукушто родена демократија. Нема разлика дали станува збор за високо демократска или ниско демократска земја во која што тлее национализмот. А најлошото нешто кое може да му се случи на секое општество е интелектуалната и потенцијално критичката маса да биде проголтана и детерминирана во индуцирана кома од националистичката болест.
Живееме во време на војна за поседување на нуклеарно оружје. Затоа мораме да бидеме опстојни и упорни во борбата против владеењето и доминацијата на национализмите во кој било сегмент на нашето општествено живеење.
За крај, би сакал да завршам со повикот: никогаш повеќе холокаустот да не се врати, не само кон еврејската заедница туку и кон сите малцински заедници, меѓу кои и ромите. Малиот број Евреи преостанати во оваа земја за мене се како дијамант кој мораме да го чуваме во трезорот на нашето срце.
Денот на холокаостот не е за честитање туку за опомена од злото кое лебди како сениште врз сите нас, и од кое треба извлечеме поука, засекогаш и за сите времиња.