ЕВРОПА НАСПРЕМА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Приказната за Европа е стара, темелна, богата. Кога говориме за вредностите на Европа, културни, историски, јасно за што говориме. Станува збор за едно обемно културно наследство кое навистина прави пресек на вековната човекова културна и политичка историја, од Атена, од првата демократија, па до денес. Но, кога говориме за Европска унија, за таа административна заедница која дава привилегии но која, очигледно, има и многу слабости и маани, говориме за обид за нововековно здружување, кој секако е благороден, но кој, од друга страна, претставува парадигма за бирократска гнилост, но и за игри на моќ.

Се разбира, Европската унија, во ваквите светски политички констелации е нужност – доколку не сте во таа бирократска и административна заедница, вашата иднина не е баш најдобра, тоа е повеќе од јасно. Токму затоа, Република Македонија инсистира да стане дел од Европската унија. Но, би сакал да нагласам – за мене нема никаква дилема дека Република Македонија и покрај тоа што не е дел од административната Европска Унија, таа е Европа, и претставував исклучително важен дел од нејзината вековна историја.

Необични нешта се случуваа во изминатава недела, кои секако предизвикаа и рана, но и освестување. Затоа би сакал да проговорам за нашиот тежок пат кон влегувањето во административното Европско семејство.

Сите со нетрпение ја очекувавме оваа есен, надевајќи се дека ЕУ ќе ни додели датум за преговори, кои не значат и автоматско влегување во Унијата, туку кои ќе го отворат теренот за внатрешна стабилизација преку реформите и стандардите кои би ги наметнала Европската унија преку своите административни алатки. Во ниту еден момент до сега не сум верувал дека нашата малечка држава може да биде толку голема „закана“ и загрозувачки фактор за ЕУ. Ние сме држава со бројност на жители како во еден Париски арондисман. Зар можеме да бидеме закана за Европската унија?

Нека ми простат бирократите од Унијата, а особено оние кои толку се исплашени од нашето седнување на преговарачката маса, но сета оваа игра ми се чини како висок пример за добро познатото Европско лицемерие. Многумина ќе се прашаат зошто. Од високи политички кругови добив податоци дека единствен поборник за недобивање на датум за преговори се нашите европски сожители од Франција, а како солидарни се придружуваат и Холандија и Данска. Не можам да сфатам дека земјата која беше основач на Европското семејство дека така, лаконски и неодговорно, во миг кога е повеќе од потребна стабилноста во овој регион, стави вето за утврдување само на датум за преговори за Македонија и Албанија, кој, како што споменав погоре, по себе не значи автоматско влегување во ЕУ.

Зошто сум, ќе ми дозволите да речам, стаписан од ваквото арогантно и неодговорно однесување. Минуваат веќе 100 години од сите премрежија во Европа, од разорувачките две светски војни, Балканските војни… Ние, овде, сме чувари на нивната меморија, имајќи ги француските гробишта каде почиваат оние кои се бореле за француските интереси. Што да кажеме ние за нашите пожртвувани предци кои ги дале своите животи во сите војни. Ние, граѓаните на РМ им го дадовме правото да го негуваат споменот за нивните предци, а самите ние не си ги знаеме гробовите на нашите предци, служејќи во туѓи војски и за туѓи интереси.

Длабоко сум разочаран во вредносните вертикали на Европската унија. Нѐ држат настрана од Европското семејство, да не станеме дел од него, а од друга страна регрутираат наши високо образовани кадри, експерти во најважните професии кои им се потребни.

До кога ќе се однесуваат пост-колонијално и хегемонистички. До кога ќе нѐ третирате како непресушен резервоар на човечки ресурси, а држејќи нѐ на маргините. Верувајте ниту еден од граѓаните на Република Македонија нема повод да биде разочаран. Повеќе претпочитаме фер, отворен дијалог, доедукација на целокупната популација отколку игри на моќ.

Затоа, време е да засукаме ракави и сами да ја градиме својата иднина.

Не е првпат Македонија, од нејзиното осамостојување, па до денес, да трпи такви лицемерни удари. Веќе трета деценија по ред сме пред дворот или вратите на Европската унија, вклучувајќи го и периодот на самиот зародиш на нашата држава, кога исто така бевме на прагот пред ЕУ, за денес да бидеме ставени во тотална изолација. И понатака ќе ги негуваме и архивираме спомените на француските војници, но, сепак, имаме и ние достоинство и бараме респект. Бидејќи со ништо, ама баш со ништо не сме им попречиле во нивниот развој ниту имаме можност да им попречиме.

Затоа господине Макрон, вам ви се обраќам во прво лице еднина. Ставете го прстот на чело и излезете надвор од вашите ксенофобични пранги. Тоа е на штета и на вашата држава. Ваквата ксенофобија вам ви се удира од глава.

Ние остануваме да бидеме дел од Европа, а кога ќе станеме дел од бирократската и административна Европска унија не е неважно, но не е пресудно. Она што е важно е посветено самите да работиме на реформите во нашето општество, а со тоа да ги поддржиме вековните Европски вертикали и вредности.

Share:

Остави коментар