МАКЕДОНИЈА И СВЕТОТ

Денес живееме во необични времиња, кога сме во перманентна војна, која е економска, политичка, но, за жал, и фактичка. Животите на милиони луѓе се ставени по најниска цена на пазарот кој го одредуваат моќните. Се случуваат огромни неправди ширум светот.

Токму затоа мојата денешна колумна ја посветувам на ова зло кое го живееме, а кое не би сакал да ја зафати и Македонија, која, секако е дел од светот, а наскоро ќе стане и дел од НАТО алијансата.

Како почетна илустрација за денешната моја колумна е неодамнешната изјава на претседателот Доналд Трамп, кој објави дека е убиен терористот бр.1 од ИЗИС Абу Бакр Ал-Багдади. На многумина од нас ни е јасно дека во последните две децении со големи напори се „чистат“ келиите на тероризмот преку ликвидација на водечките личности. Но, за жал, такви келии постојат, се возобновуваат, траат и убеден сум дека во блиско време ќе се појават нови личности кои ќе бидат нов извор на тероризмот.

Основното прашање кое се поставував пред мене, а кое сакам да го споделам со вас е дали водечкиот и најмоќен свет е навистина спремен и волен да расчисти со ова зло или го негува со цел да има секогаш предизвик зошто и како ќе треба да се трошат средствата на граѓаните на она што се нарекува „борба против тероризмот“. Бидејќи стравот од терористички закани особено во развиениот свет е алиби за државните челници да се инвестира во оружје и во трговија со истото. А луѓето страдаат.

Во ниту еден миг не видовме активност за спречување на еден феномен преку длабоки стратешки гестови, кои ќе подразбираат дијалог и конечна разрешница и помирување. Како смртта да е единственото решение. Повеќе од јасно е дека предмет на овие терористички напади се членките на НАТО алијансата чии жители се најбогатиот дел на целата земјина топка и се со највисок стандард. Првпат во животот слушнав за камиказите јапонските пилоти во Втората светска војна кои беа обучувани да го жртвуваат животот со цел да му наштетат на непријателот. Денес во нова форма, многу пософистицирана, е на сцената тероризмот, кој е навистина големо зло за целото човештво, но нештата не се црно – бели. Важно е да се направи анализа на генеалогијата на оваа појава. Што е причината на ваквиот насилно изразен гнев кој се шири како незапирлив вирус?

За жал не видов мудри луѓе кои ќе имаат волја да разговараат за тероризмот на начин на кој тој ќе се решава хумано и достоинствено, а не преку контранасилство и страдање на невино население. Владее макијавелистичкиот принцип во кој се вели дека целта ги оправдува средствата. А целта на членките на алијансата е спречување, но не и решавање. Се преземаат низа мерки во сите сегменти на нашето живеење особено во протекот на пари. Сѐ со една цел, тероризмот да биде ставен под делумна контрола, а неговиот развој да зависи од геостратешките потреби на „големите играчи“.

Каде  е на сета оваа ветрометина Република Македонија. Ќе станеме членка на НАТО, но, според сите параметри, многу малку почитувана. Бидејќи со нашите скромни и финансиски и човечки ресурси нашиот придонес ќе биде минимален. Правиме големи напори да добиеме само датум за отпочнување на преговори, што не е гаранција по себе дека ќе влеземе во Европската унија. А гледајќи од начинот како нѐ перцепираат идните наши сојузнички членки, повторно ќе бидеме на маргините на тоа европско семејство.

Не сакам да направам забуна говорејќи за тероризмот, а потоа за местото и улогата на Македонија. Но, тоа се консекветно поврзани нешта. Тероризмот е зло на 21 век, а тој нема да се реши само со игри на моќ изразени преку страдањата на војните што се водат денес, преку смртта на невини цивили, туку преку разговори и консензус околу тоа дека станува збор за фактот дека земјината топка им припаѓа на сите. Членките на НАТО алијансата не се ни 10 проценти од севкупната популација на земјината топка. Тоа е алијанса на богатите и привилегираните. Треба да се замислиме што станува со идејата за правда за сите, а не само за привилегии на можните и богатите.

Среќен сум што макар и на маргините, Македонија ќе ја одвоиме од едно можно гнездо на создавање милитантни терористички организации. Милитантниот тероризам се јавува во земјите со длабоки економски проблеми, со низок стандард, неизвесна иднината. Убеден сум дека луѓето насекаде чувствуваат неправда. Меѓутоа тоа не е причина за пролевање крв, одземање човечки животи и внесување психоза на дополнителна несигурност, неправедност, нееднаквост.

Во ниту еден момент ниту го оправдувам ниту му давам легитимитет на милитантниот тероризам – напротив го осудувам. Но, што стои на другата страна? Што нудат големите моќници и сили како решение за престанокот на ова зло и на оваа омраза помеѓу различните култури. Сѐ повеќе се јавува омраза за различниот, за другиот. А тоа го стимулираат повторно „моќните“, наместо да се застапуваат за проникнување и соживот на различните.

Убеден сум дека зад нерешавањето на овој суштински проблем на 21 век стојат економските интереси на одредени држави и поединци. Дали еднаш ќе излеземе од прангите на онаа проклето вистинита римска изјава: човек на човек е волк. Се прават големи напори и се издвојуваат огромни средства за сочувувањето на флората и фауната, но од друга страна таа целосно се уништува. Климатските промени се новата војна и новото зло на светот.

На крајот би се навратил повторно на мојата татковина, на Македонија. Дали ќе бидеме членка на европското семејство или не, за мене не е приоритет. За мене е приоритет да имаме многу виспрени политичари како Македонија да биде стабилна, виспрена и радосна за живеење. А тоа се знае како се постигнува – со јасна политичка визија, инвестиција во човечки ресурси и во највиталните столбови на општеството, како образование, здравство, економија, култура.

Тоа зависи исклучиво од нашите политички елити и од одговорноста на секој граѓанин поединечно. Уморен сум од катадневните информации за тоа кога би можеле евентуално да добиеме датум за преговори. Повторувам, мене тоа ништо не ми значи. Ми значи ние да се мобилизираме однатре. Само така ќе станеме референтни, почитувани, влијателни истабилни партнери и за самите себе и за остатокот од светот. А така ќе можеме да влијаеме и на хуманото решавање на големите теми како што е и дијалогот и разрешувањето на терористичките закани.

Share:

Остави коментар