Оваа година ќе ми биде врежана во меморијата како една од оние во кои ми се случуваат убави нешта. Секако, афинитетите за убавите нешта се различни кај сите од нас, меѓутоа, убеден сум дека голем дел од моите сограѓани ќе се согласат дека само со два викенда, 18 мај и 1 јуни ги доживеавме ѕвездените моменти на радост, среќа и исполнетост. Верувајте, ваквото чувство со пари не се купува. Ова е длабок емотивен порив кој поттикнува гордост дека сме дел од модерното Европско семејство. Проблемите кај граѓаните на Република Македонија се разбира дека не се решени ниту ќе бидат во скоро време. Но, дотолку повеќе, чувството на победа дава утеха. Воедно, станува збор за поттик да бидеме подобри, не само во спортот, туку во сите сфери и да изградиме систем со кој ќе се втемелиме во врвовите во разни области.
Тамара Тодевска беше првоизбрана од стручното жири во Тел Авив. Тоа е големо признание за Република Македонија и покрај тоа што многумина граѓани сакаат да го потценат. Вардар, по вторпат за само во период од три години се искачи на тронот како Европски шампион во ракомет за сезоните 2017 и 2019. Сите вљубеници на спортот, па дури и оние кои не се, беа радосни дека нешто позитивно се случува во нашата држава. Дочекот на аеродромот и на Плоштадот Македонија, како и среќата која се гледаше на секое лице, се нешта кои на граѓаните им недостасуваат. Секако, животот продолжува онаков каков што бил со сите грижи и незадоволства, но овој миг ќе остане засекогаш запаметен како парче радост во срцата на граѓаните.
Но, не можам а да не ги споменам местото и улогата на локалната и централната власт во целиот овој контекст. Не знам како вам ви изгледаше, но мене ми се чинеше многу необично. Откако Вардар стана шампион, градоначалникот Шилегов, отвори од вашето и моето кесе да ги почести ракометарите на Вардар. И Агенцијата за млади и спорт исто со наши пари ќе ги почести ракометарите. А врв на оваа безволие е и објавата на претседателот на владата дека и тој ќе ги почести ракометарите со половина милион евра. Не знам за вас, но мене ми се чини како да сум во кафеана, каде што добрите свирачи ги опсипуваме со напојници. Но разликата е во тоа што во кафеана даваме свои пари, од сопствениот џеб. А овде се даруваат пари од граѓаните на приватен клуб, без никој никого да праша.
Мене ме облеа срам. Ќе се прашате зошто?
Една, навидум минорна причина, е немарноста кон преносот на финалето. Под ингеренции на владата е МРТ. Воедно, преку Советот за радиодифузија, кој е исто така е под Владата, се лиценцирани сите национални медиуми. Ниту еден медиум не го пренесуваше финалето на ракометното првенство. А ние, кои сакавме да се израдуваме, моравме да го гледаме преку Белградската Арена. Ваквите пропусти укажуваат на тоа каква е големата слика.
Локалната и централната власт се вклучија во настанот најпопулистички, во мигот кога сфатија дека ова е за поентирање и добивање поени. Спортот не е имун на политика и тој треба да биде дел од државните политики. Но, бара пред сѐ, потребна е државна стратегија во која ќе се најде начин како да се организира финансирањето и развојот на спортот, а не популистички политички манири.
Како бивши спонзор на ракометниот женски клуб Кометал Ѓорче Петров, кога би бил на местото на Самсоненко, со индигнација би ги одбил сите овие парични награди и би ги замолил надлежните овие пари да се употребат ако не за нешто поургентно, барем за континуираниот, а не инцидентниот развојот на спортот.
Старите велат дека со пари се купува сѐ. Што би значело во превод дека секој има своја цена. Но нема повисока цена од достоинството.
За крај, најискрени длабоки честитки за ракометарите, за целиот тим, за управата на клубот и за господинот Самсоненко. Сум го поминал еднаш тој пат – нема цена која може да го купи чувството дека сте се качиле на Олимп. Тоа е наградата за господинот Самсоненко.
А на централната и локалната власт им препорачувам да не честат со туѓи пари, туку свесно нека се откажат од одредени даночни приходи и тие средства да бидат усмерени во стратешкиот развој на спортот.