ПРЕТСЕДАТЕЛ

Не можам а да не го изразам моето задоволство и мојата радост во однос на успешно реализираните претседателски избори. И во првиот и во вториот круг, немаше инциденти, немаше неправилности. Сè се oдвиваше во достоинствен и демократски дух. Би рекол, одамна не сме сведочеле на вакво ниво на политичка култура.

На господинот Пендаровски му ја честитам победата и ќе го потсетувам во моите колумни од денес па натаму дека е претседател на сите граѓани на Република Македонија и дека треба да ги застапува интересите на сите граѓани без разлика на нивната верска, етничка и политичка припадност. Тој тоа и самиот го вети и назначи. Да се надеваме дека така и ќе биде, и дека никој нема да го попречи во неговите политички искажани намери и визии.

Честитки и до госпоѓата Силјановска Давкова за нејзиниот настап и нејзиниот оригинален и цивилизиран однос во текот на целата кампања. Честитки за двајцата.

Почитувани мои читатели, колку и да е оспорувана функцијата претседател од многу мои сограѓани, како и нејзиното влијание врз севкупниот развој на Република Македонија, сепак убеден сум дека таа функција е исклучително значајна. Таа е клучната нишка во ткаењето на нашиот пат кон Евро-Атлантските интеграции. Но, се разбира, институцијата Претседател, ќе биде значајна и ќе биде влијателна онолку колку што ќе има сила да го наметне своето влијание личноста која е носител на оваа функција.

Се надевам дека господинот Пендаровски ќе ги исполни очекувањата на сите граѓани на Република Македонија на социо-економски, културен и политички план, оправдувајќи ја довербата на граѓаните кои гласаа и му дадоа поддршка.

Она што го очекувам е силен влог на новиот претседател во воспоставувањето и зајакнувањето на кохезијата меѓу различните етнички, културни и идеолошки групи, особено во македонскиот блок. Можеби ќе се прашате зошто за мене ова е императивна активност на новиот претседател.

Господинот Пендаровски е избран со мнозинството гласови на сите припадници на нашето мултикултурно општество, и тоа е знак како во иднина треба да се  однесуваме при секој изборен циклус. Иако, официјални податоци немаме, евидентно е дека госпоѓата Силјановска Давкова 99% од своите гласови ги доби од етничките македонци. Ова треба да биде предизвик за новиот претседател и со своите постапки многу повеќе да се посвети и на единството во етничкиот македонски блок.

Факт е дека Македонија е мултикултурна држава, во која интеркултурниот дијалог е од пресудно значење за идната политичка стабилност, меѓутоа македонската популација претставува 2/3 од севкупното население на државата, и е основниот носител на државотворниот карактер на нашата држава.

Како стопанственик морам да го изразам моето задоволство, бидејќи во наредната година и половина, нема да имаме никакви избори, а самите избори значат стагнирање на стопанството, а уште повеќе расчеречување на етничките ткива кои ја сочинуваат Република Македонија.

Би сакал да апелирам дека сега е вистински политички миг кога сите политички актери кои можат да влијаат врз општествениот развој мора да се фокусираат на елиминација и справување со меѓуетничките и внатре-етничките поделби, и со тоа нѐ убедат нас граѓаните дека имаат јасна визија и стратегија за иднината и прогресот на нашата земја, особено во сегментот на брзиот економски развој.

Ќе ми простат читателите што не го користам терминот „северна“ од причина што сe уште тешко може во мислата и јазикот да ми влезе ова, наизглед, присилно и смешно решение, наметнато од меѓународната заедница. За мене тоа е завршена работа со името, но ќе ми дозволите барем во моите колумни да си ја нарекувам татковината со името кои сами го избравме и кое го паметам како единствено име низ целиот мој живот.

На потег сте вие господине Пендаровски.

Share:

Остави коментар