ДЕН ПОСЛЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

Она што е наша одговорност, како граѓани, како луѓе кои се обидуваме да придонесеме во градењето на општеството е да бидеме постојано будни за нештата кои се случуваат во нашата држава на политички, економски, социо-културен план. Првата импресија на денот после првиот круг на претседателските избори е дека на мегдан истрчаа само војниците припадници на политичките партии. Имам впечаток дека голем дел од граѓаните не зедоа учество во овие избори, особено граѓаните што не се политички определени, од проста причина што актуелната политичка елита во Македонија ги брани само партиските интереси. Флоскулите од типот ПРАВДАТА ЌЕ ПОБЕДИ и ПРАВДАТА ЌЕ ДОЈДЕ ВО МАКЕДОНИЈА, или ПРЕТСЕДАТЕЛ КОЈ ЌЕ ГИ ОБЕДИНИ СИТЕ ГРАЃАНИ НА МАКЕДОНИЈА се во најмала рака смешни и потценувачки.

Дел од политичарите изјавија дека ја добиле пораката од граѓаните, кои не излегоа на гласање. Меѓутоа, какво фајде од тоа?.

Жал ми е што не успеавме навистина да се еманципираме и да создадеме поле за демократски развој и здрав политички систем и после 30 години самостојност. За жал, ние се наоѓаме во ќорсокак, а она што ја карактеризира нашата политичка култура може да се сумира во познатата изрека на Луи 14,  “l’état est moi”- државата, тоа сум јас, а во нашиот случај, партијата тоа е државата.

Излезноста заедно со албанскиот електорат беше 42%. Имајќи предвид дека албанскиот кандидат не е влезен во вториот круг, постои опасност албанските граѓани да не излезат на гласање, бидејќи и тие, како впрочем и сите граѓани на Македонија, се свесни дека тука не станува збор за избор на претседател туку дали ќе победи волјата на едниот или на другиот лидер, т.е. “МОЈОТ или ТВОЈОТ”.

Кој и да победи од двајцата кандидати нема да биде во можност да ги смени лошите и ретроградни текови во сите општествени страни во Република Македонија. Ниту Силјановска заедно со нејзиниот ментор Мицковски, а ниту Пендаровски со Заев нема да донесат нешто ново што ќе ја разбуди оваа зачмаеност во севкупното наше живеење. Повторувам, не би сакал да ни пропаднат претседателските избори, бидејќи дури тогаш Македонија ќе биде втурната во нова политичка нестабилност.

Не замерувајте за мојот отворен песимистички став – – тој се должи токму на  мојата загриженост и љубов кон татковината. Апелирам до актуелните главни играчи на политичката сцена да го проголтаат своето его и да дозволат во нивните партии да влезат повеќе интелектуалци, кои ќе можат да помогнат во утврдувањето на нашите понатамошни чекори.

Господине Мицковски и Господине Заев, ова не е критика со цел да ве навредам, туку само сакам да ви укажам, дека имам блиски пријатели, врвни интелектуалци, кои се симпатизери на една од двете партии, добри познавачи на актуелните состојби, кои за жал од вашите партии се или маргинализирани или отпишани заради нивниот конструктивен но критички став. Ова ви го велам од причина што во наредниот период нѐ очекуваат избори како парламентарни, локални, па и претседателски, меѓутоа наоружете се со човечки ресурси кои ќе дадат прогресивен предзнак во вашите идни политики.

На крајот сакам да завршам и да поентирам – сакам успешни избори, сакам лидерите на спротивставените партии да не се гледаат преку политичкиот нишан, туку како врвни политичари да се напијат кафе, па нека биде и политичко.

Share:

Остави коментар