Би сакал денес да проговорам за нештата кои претставуваат огромно културно богатство создадено од природата, а артикулирано од човекот. На човекот му е дадено да ги сочувува или урнисува древните вредности. За жал, ние сведочиме во нашата земја на сѐ поголема немарност во однос на природното и културното движно и недвижно наследство, а за тоа има одговорност секоја владејачка гарнитура, но и секој од нас поединечно.
Во целиот регион на Скопско и околината, во подножјето на Скопска Црна Гора, а посебно во реонот Матка постојат траги и остатоци кои се древни и кои особено го промовираат Христијанството. А ние треба да сме свесни и да бидеме одговорни кон тоа сознание дека сме една од клучните колевки на Христијанството.
Во друга прилика ќе пишувам за манастирите и црквите во подножјето на Скопска Црна Гора, а денес би сакал да се фокусирам на кањонот Матка.
Роден сум во Скопје во поранешна СФРЈ. Детските летни жеги ги минувавме капејќи се во реката Треска, уживајќи во глетката покрај величествените карпи кои извираат од самото корито на реката. Како деца знаевме дека таму некаде, погоре, има брана која произведува хидроелектрична енергија за потребите на Скопје и околината. За волја на вистината морам да признам дека на училиште учевме повеќе за убавините на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а најмалку за нашето уникатно богатство. Во програмите на средношколците од сите југословенски републики беше зацртана посетата на Постојнската јама каде што првпат научивме за постоењето на сталактитите и сталагмитите, кои датираат од дамнина.
Признавам дека љубопитноста во таа возраст не ми беше моја насушна одлика. За кањонот Матка знаевме само дека е прекрасен и уникатен само по својата флора и фауна, и дека до денес опстојуваат десетина малечки манастирчиња. Грешката е моја – требаше да станам градоначалник на Скопје за да го осознам вистинското значење на кањонот Матка.
Единствен во Европа по својата специфична флора и фауна, со две прекрасни надземни пештери, кои се речиси огледални на пештерата во Постојна во Словенија, која беше третирана како светско наследство. Каков ли нонсенс е ова – имаме вакво богатство само на 15 километри од нас и го игнорираме. Истите сталактити и сталагмити, на кои им се восхитувавме во Словенија, ги има во изворна и брилијантна состојба токму во пештерите во кањонот Матка. Исто така има и огромна, подводна пештера која сѐ уште не е испитана и покрај напорот на многумина нуркачи.
Убавината на кањонот Матка го одзема здивот. Од која страна и да го погледнете тој е чудесен. И не е воопшто случајно што раното Христијанство (5, 6, 7 век н.е) се ширело токму околу Матка, токму на ова место, барајќи го своето упориште, своето пристаниште. Денес активни се 11 манастири во кањонот и околу кањонот Матка. А податоците добиени од МПЦ – Охридска архиепископија, говорат дека има темели на уште шеесетина разрушени манастири.
Сфаќајќи го фактот што претставува Матка не само за Скопје туку за Македонија и за регионот, дојдов до заклучок дека тоа е неисцрпно богатство кое ни го дарила природата и кое во синергија со човекот создало неповторлив културен контекст. Затоа треба да бидеме внимателни истото да го сочуваме во изворна форма, а таа убавина да биде достапна за секој граѓанин на Република Македонија и за секој кој е љубопитен да ги истражува богатствата на раното Христијанство.
Мојата идеја како градоначалник беше дека Матка треба да биде ставена под целосна државна заштита, дека треба да се возобноват сите манастири. Дека МПЦ треба да едуцира кадри, водичи кои на секој заинтересиран човек би му помогнале да го осознае животот и вредноста на тоа рано Христијанство. А во самиот кањон Матка инфраструктурно поврзување каде ќе се возат возила со тракциони акумулатори или пловни возила кои воопшто не треба да ја загадуваат околината. Мојата идеја одеше до таму што имајќи го тешкиот пристап до кањонот Матка и неговата лимитираност на бројки од луѓе кои можат да го посетат беше по сртот на Водно кон Матка да се изгради жичарница со три до четири попатни станици, со што би им се олеснило на Скопјани да побегнат од неподносливите летни жештини во градот и би уживале во чудесната панорама имајќи го пред себе целото Скопско поле и околина. Согласно моите замисли жичарницата требаше да заврши кај кањонот Матка од неговите две страни. А таму, требаше да се оформат платформи за инсталирање на брзи лифтови кои ќе овозможеа достапност за секој вљубеник во културата, духовноста и природата, а особено за луѓето со физичка попреченост. Потоа, мојата замисла беше самото езеро Матка да стане своевидна мала Венеција, со кајчиња адекватни за нашето поднебје. Секако дека во околината на кањонот требаше да биде дозволена строго контролирана изградба на угостителски објекти, кои немаше да смеат со нивното функционирање да го нарушат природниот контекст на постоечките флора и фауна.
Ве уверувам, со ваквото планирање на кањонот Матка, Скопје ќе имаше можност да биде прославено во светот. Тоа е единственото место во светот на православието, каде што има изградено толку многу манастири и цркви надвор од Света Гора.
При моето заминување од функцијата градоначалник, оставив Бела книга за она што беше сработено во мојот мандат и како се трошеа парите на граѓаните. Воедно, се обидов да му препорачам на новиот градоначалник да ја разгледа оваа идеја. Но за жал Белата книга веднаш беше „фрлена на буниште“ по неговото доаѓање, а тој немаше интерес за нејзината содржина и за сите истражувања и препораки.
Се надевам дека оваа моја визија еден ден ќе биде реалност, бидејќи објективно Скопје и регионот во Скопје нема што друго да им понуди на своите граѓани, но и на странците кои се гледни по комуникација со вистински вредности.
Ја користам оваа прилика да му укажам на актуелниот градоначалник на Скопје, г-динот Шилегов, да ја земе предвид оваа идеја.
Воедно, би сакал да повторам дека е нужно да ја отпочне реализацијата на трамвајскиот сообраќај, кој исто има поврзаност со екологијата и добивањето на нова социо-културна вредност.