Почитувани читатели,
Имам потреба да споделам со вас некои свои размисли, после мое подолго отсуство во колумнистичкото споделување на моите светогледи, се разбира, со причина, бидејќи вирусот COVID 19 си го направи своето – им ја одзема на луѓето најнасушната и најважната карактеристика, а тоа е социјалната интеракција, директната размена на мисли, чувства, кои се дел од секојдневната животна комуникациска вредност преку која човекот постои како општествено битие, и интимно и колективно. Сега, како во некоја воена состојба (а можеби и е навистина адекватно сето ова да се спореди со воена состојба, бидејќи се загрозени животите на луѓето) затворени сме во принуден карантин, одделени од нашите најблиски социјални контакти.
Во деновите на изолација најмногу другарував со ТВ каналот History chanell, прво бидејќи сум фан на историјата од која сакам да учам и второ почнав да осознавам важни податоци за човекот од неговото постоење на планетата Земја па до денес.
На многумина од нас ни е јасно дека најголемиот дел од буџетите на најсилните економии во светот се користат во воената индустрија, од кои средства денес имаме толку многу нуклеарни боеви глави со кои можеме сами себе да се уништиме.
Тоа само по себе зборува колку е голем бројот на научници кои се вклучени во усовршување на воената индустрија која има една и единствена цел – да го убие човекот.
Тоа ме наведе да се запрашам, која е суштината за нашето битисување на оваа планета.
Денес сме соочени со пандемијата на вирусот COVID 19, за кој за мене и многумина како мене се појавуваат сомнежи дали е природен феномен или е излезен од контрола од некоја светска лабораторија.
Во поглед на COVID 19 може да полемизираме се додека не се откријат вистинските причини за неговото појавување и уништување.
Не ми е целта да бидам пророк во однос на тоа колку долго оваа состојба ќе трае, туку намерата ми е благородна и хумана со цел оваа небиднина да заврши што поскоро, и најискрено се прашувам зошто до сега не е решено ова прашање?
Кога сиот свет, а особено најразвиените индустриски земји би одвојувале стердства за научни истражувања како да го направат животот побогат, поблагороден и подолговечен, а не да инвестираат во оружје наменето за самоуништување на човекот, не би ни се случувале трагедии од вакви размери како оваа со новиот вирус.
За мене ова што денес ни се случува е незамисливо, 21 век во кој што науката и нејзиното инплементирање во животот е на многу високо ниво, ние сѐ уште немаме одговор за сузбивање на овој вирус.
Од друга страна катадневно сме соочени со најновите достигнувања во воената индустрија за побрзо и поефикасно уништување на кого???,… се разбира на човекот.
Врз основа на горенаведеното, отворено го поставувавм прашањето дали човекот е хумано и благородно битие или ги носи во себе животинските инстикти на самоодржување и меѓусебно уништување. И дали конечно ќе се потврди старата филозофкс забелешка дека „човек на човека е волк’.
Гледајќи ја реалноста повеќе сум убеден во второто, иако во целиот цивилизациски тек на човекот хуманоста е најбитниот елемент на кој што му посветуваме внимание.
Дојдов до заклучок дека хуманоста ја губи битката кога противник и е профитот.
Нашиот Блаже Конески во еден од своите записи напиша дека неговиот најголем страв е да не се обесчовечиме. За жал, се чини дека токму тоа ни се случува.
Почитувани читатели, размислете за погоре напишаното и доколку го прифатите мојот приод, ве повикувам да дејствуваме сите заедно на сите нивоа во нашето општество, каде посебно треба да се посвети внимание на здравството, образованието и иднината, а на оружјето кога би можеле да му кажеме ЗБОГУМ, тоа би била најголемата победа на човекот.
