COVID 19, И ШТО ПОТОА…

Веќе измина значителен период од оваа година каде животот го живееме во, според најновиот речник на СЗО, физичка изолација, карантин, што, всушност, колку и да сакаме да го одбегнеме зборот, тоа претставува и социјална и комуникациска изолација. А знаеме дека тоа ни е насушно, бидејќи како што уште Аристотел велеше, човекот е општествено битие. Најлошото во сето тоа е што се уште науката, главно епидемиолозите не најдоа одговор како е настанат овој вирус, па со самото тоа и како да се справиме со него.

Убеден сум дека кога во моментот ќе ја најдат причината за појавувањето на овој вирус меѓу луѓето, веднаш ќе се најде лекот. Вака, како изгубени сред море во магла, во заталкан брод без компас, се движиме незнаејќи каде ќе стигнеме.

Веќе станува јасно дека луѓето со опаднат имунитет во основа се жртви на овој смртоносен вирус.

На светско ниво имаме дијаметрални приоди за решавањето со актуелната пандемија. Лично сум убеден дека англо-саксонската група на народи е убедливо имунолошки најподготвен за борба со овој вирус, додека романската група на народи станува вистинска жртва. Имено, додека Франција, Шпанија и Италија се се уште во целосен карантин, каде што се целосно дисфункционални образовните институции, градинките, рестораните, кафетериите, во прибалтичките земји од идната недела се спрема закон за слободно движење, отворање на училиштата за учениците и студентите, градинките за најмалата популација, кафетериите и рестораните.

Поентата на моето денешно пишување не е да го анализирам овој смртоносен вирус и неговото проширување, па дури и создавање на колективен имунитет, туку да укажам на суштината, имено има прогнози дека за една година од денес ќе се најде вакцина за овој вирус. Верувајте ми тоа се паушални оценки и процени за кои што неможам да бидам сигурен.

Го прифаќам фактот дека вакцина ќе се најде и ќе го решиме овој опасен вирус, меѓутоа драги мои читатели ние човечките битија кои ја споделуваме планетата земја со сета диверсификација на флората и фауната сме толку алчни и чувствуваме дека Земјата планета ни припаѓа само нам.

Во таа наша алчност правиме грешки и дозволуваме појава на уште многу други вируси кои ќе бидат закана за опстанокот на човекот.

Упатувам силна порака до одговорните кои денес управуваат со светот, дека вирусот COVID 19 е само опомена, што може да го снајде човекот доколку се појават уште посмртоносни вируси и препорачувам средствата наменети за воените буџети максимално да ги намалат и насочат кон институтите кои се занимаваат со идните можни вируси и бактерии кои можат да бидат закана  за човекот.

Ние сме денес паталци, од појавувањето на еден смртоносен вирус и денес ни изгледа толку романтичен животот што го живеевме пред појавата на овој вирус. Се поставува прашањето дали ќе се вратиме на животот што го живеевме предходно или ние и младите генерации ќе треба да се прилагодиме на друг живот со маски и скафандери, како во некоја дистопична претпоставка на Џорџ Орвел.

Инсистирам, колку што може овој глас да допре до тие што одлучуваат, дека секое евро повеќе фрлено во институтите кои треба да ги превенираат ваквите појави во човештвото е многу похумано, благородно и човечно.

Верувајте ми, јас сум многу силно изненаден од фактот дека најмоќната држава во светот, Соединетите Американски Држави, со невидени размери на буџет во воената индустрија, денес е страдалец од вирусот COVID 19. Тоа е срам за самата држава.

Многумина ќе помислат дека со моите текстови сум утопист и дека верувам во човекот како хумано битие, можеби и грешам потценувајќи ја природата на самиот човек, но би сакал да верувам и верувам во човекот дека со еден континуитет и здрава логика може да го измени анималниот код и да станеме вистински хумани битија, а тоа се прави со образование и примери кои што треба да потекнуваат од највлијателните луѓе во светот.

Во овие тешки денови, секој човек со здрава логика мора да најде разбирање за асоцијалниот тип на живот кој го живееме денес. Мора да издржиме и да покажеме пример на младите и идните генерации кои доаѓаат дека животот во основа е борба и дека превенирањето на можните вакви напади на човекот е базичниот одговор да опстоиме на планетата Земја.

Затоа АПЕЛ до најмоќните економски сили во светот инвестирајте во науката, медицината, наместо во оружјето, инвестирајте во човекот, бидејќи основата на човештвото е секој поединец.

На крајот пораката нека гласи: „Да бидеме хумани и зборот човек да биде гордост за секој од нас”.

Share:

Остави коментар