Почитувани,
Европската унија, после долга и тешка дискусија, донесе важна одлука за уште поголемо намалување на емисијата на штетни гасови до 2030 година. Борбата против загадувањето е една од најважните битки на човештвото во 21 век.
За жал, нашите власти немаат никаков коментар. Ветуваат членство во ЕУ, а едно од најважните прашања – БОРБАТА ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО се спомнува само во предизборните програми.
Од опозицијата не ни очекувам коментар … Таа реагира само на потези на властите. Ретко, речиси никогаш не презема сопствена иницијатива, особено по ова прашање кое е од животно значење.
Мојот став е дека загаденоста на Град Скопје се должи првенствено на високо загадувачката индустрија која беше изградена во бившата ни СФРЈ. Да не заборавиме, Скопје е единствен град од бившата СФРЈ во кој беа изградени најголемите загадувачки капацитети, а тоа се црната металургија, преку Рудници и Железарници Скопје, обоена индустрија, Алумина и Купрум кои беа инсталирани во самиот град, Хемиската индустрија од гигантот Охис, Цеметната индустрија која и ден денес работи, Годел, Газела во кожарската индустрија, дрвната индустрија од типот Треска и други. Сите овие капацитети нанесоа огромни штети во нашето живеење. Ниту еден друг главен град на која било република на бившата Југославија немаше толку голема на едно место концентрирана загадувачка индустрија.
Денес имаме мерни инструменти за воздухот и сфаќаме дека дишеме најзагаден воздух на планетата земја! А што станува со водата која ја користиме за пиење и почвата од којашто ги собираме сите прехранбени производи? Тоа се трите сегменти коишто мораме да ги решаваме и нема цена која не би ја поднеле со цел да го решиме овој проблем.
По мене, треба да се изнајде од светски ранг институција која ќе направи сеопшто испитување на воздухот, водата и почвата, да ја утврди генезата на лошиот квалитет вграден во овие три сегменти и да ни предложи начин како да се справиме со ова зло. Значи прво ни треба дијагноза, што би кажал медицинскиот свет, а истовремено ни треба и терапија за решавање на овој проблем. Ваквиот проект е многу скап, меѓутоа поскапо од животот на поединецот нема.
Во случајов ЕУ делува превентивно. Многумина не знаат, меѓутоа цела Западна Европа, односно најсилните членки на ЕУ, својата загадувачка индустрија ја дислоцира во земјите во развој. За појаснување, градот Есен во Германија кој беше најзагаден град во светот во периодот од 30-те до 70-те години од минатиот век, во 2008-та година беше прогласен за најчист град во светот.
Да резимирам, за се има решение, ама првенствено мора да бидеме на чисто што сакаме и како да го формулираме нашето барање. Вака оставени на дневната политика на централно и локално ниво ќе бидеме оставени на милост и немилост на самата природа. Ние само констатираме дека воздухот ни е загаден!, ние не го бараме решението, на научна база, туку од ракав вадиме заклучоци дека автомобилите, сообраќајот, и луѓето кои се принудени да се греат на дрво се загадувачи на воздухот. Жалосно е што сè уште не израснавме да се справуваме со вистинските предизвици во интерес на секој поединец во нашава држава.
До кога ќе тапкаме пред портите на ЕУ? До кога ќе чекаме друг да ни ги решава нашите проблеми? До кога ќе живееме од трошките што ќе ни ги фрли ЕУ и САД за да преживееме како држава?
Природата ни дала од убаво, најубаво, прекрасна клима, со над 280 сончеви денови во годината, зарзават, овошје, дивеч, риба, шуми, води и што уште не! Дајте да се впрегнеме и самите да си ја креираме сопствената иднина, согласно современиот општествен развој во светот, а посебно во Европа. Како такви ќе бидеме почитувани и вистински партнери во идното ни Европско семејство.
Со досегашното практикување на водење на држава од нашите политички елити, за жал не презентираат на светската сцена како држава и народ сиромав и поткуплив.
ДОСТА е со ваквото омаловажување!
Дајте да се издигнеме, да пораснеме како луѓе првенствено во сопствената држава, а понатаму и пред меѓународната заедница. Патот до ваквиот успех е трнлив, тежок и долготраен. Ако имаме цел, колку и долго да трае, верувајте ние ќе стигнеме до таму!
Не дозволувајте летаргичниот однос кон нашето секојдневие да не убие!
Мора да го барате тоа што Вам ви припаѓа.