И ТОА Е МОЖНО…

Навистина просторот кој ми е даден за пишување на моите колумни, чувствувам дека ми е претесен за да ги споделам со вас сите мои размисли поврзани со секојдневнието, животот, политиката, иднината.

Информацијата дека е пронајдена вакцина против Ковид-19, која тукушто ја преплави целата земјина топка, каде се споменува името на Оксфорд, дали е тоа институт или универзитетот, сепак е најубавото нешто кое сите жители на земјината топка го очекуваа. Вакцина, што би кажале обичните луѓе, по терк за секој поединец, а тоа значи ефикасна и да не е скапа. Навистина, нема подобра вест од оваа, затоа што станува збор за нешто кое рамноправно ќе биде достапно за да го заштити секој оној кој ќе сака да биде заштитен. Тоа е најблагородното и најважното нешто – животот, здравјето на секој еден на планетата земај да биде еднакво важен и достоинствено испочитуван. Бидејќи пред смртта сите сме еднакви.

Што се однесува до односите со нашиот сосед Бугарија катадневно се соочуваме со оптимистички и песимистички изјави од самиот врв во Владата на Република Македонија, дека ветото ставено од Бугарија за отпочнување преговори на Македонија со Европската унија ќе биде симнато деновиве. Би им препорачал на нашите политичари повеќе да работат, а помалку да зборуваат и ветуваат, бидејќи имам впечаток дека со незрелоста, си поигруваат со чувствата на македонците и ја „билдаат“ нашата негативна енергија кон Бугарија – со еден збор го шират говорот на омраза.

Економијата за жал, евидентно е дека опаѓа, што во превод значи дека невработеноста расте, а со самата невработеност опаѓа животниот стандард и тоа во моменти кога наидува зимата, каде потребите на поединецот  се многу пообемни од аспект на храна, гардероба, греење, во споредба со останатите сезони во годината.

Економскиот развој не само кај нас, туку во целиот свет е блокиран и тешко е да се предвиди кои ќе бидат послеиците од пандемијата на Ковид-19, која пустоши низ целиот свет, и колку време ќе ни треба да закрепнеме после справувањето со пандемијата.

На крајот сакам да споделам со вас една информација која тукушто ја почувствував – дефинитивно се отворени процесите околу стечајот на Еуростандард банка, само незнам во која насока сакаат да го водат овој процес. Дали сакаат вистински да се справат со овој криминал или пак имаат намера да го забошотат.

Почитувани, со завршување на предистражната постапка, мојот личен имот ми е комплетно блокиран. Говорам за имот кој е стекнат пред повеќе од 35 години, ама ако е во интерес на правдата и вистината, немам ништо против.

Очигледно е дека организаторите на овој кримнал тргнаа првенствено кон згаснување на Еуростандард банка со цел да не дојдеме до крајната дестинација каде завршиле парите.

Почитувани читатели, не се работи за мали пари, туку се работи за големи пари. Се работи за повеќе од 100 милиони евра – маса во која се наоѓаат парите на коминтентите на Еуростандард банка и парите кои ние како акционери ги инвестиравме во банката.

Сега посегнаа да ми го блокираат имотот, бидејќи тоа е можноста да ја водам натамошната битка за вистината. Да појаснам што тоа значи: имам имот, не смеам да го отуѓам, а сакам да го отуѓам бидејќи ми се потребни финансиски средства за водење на оваа војна. Што уште остана да ми земат? Мојот живот? Им го нудам на тацна, ама на многумина поединци, роднини, пријатели, познати и непознати мојот живот им значи. А, сепак, моите животни принципи, не можат да ми ги земат. Нека не заборават дека посегнале по туѓото и по човек наоружан со љубов и човечки доблести.Пред сѐ љубов и грижа кон заедницата, кон поединци, кон заедничкото добро.

Мудроста вели, „Господ ќе им врати“, а јас, не аскам да го мешам севишниот, па затоа велам „Јас ќе им вратам“, но не како осветољубие, туку во име на правдатаОва е невидена и нефер борба во која се користат најниски удари, со цел да се сокрие нешто што е толку видливо, а тоа е дека јас, моето семејство и банката сме жртви на организиран криминал. Кој владее во нашава криминална држава? Одговорот е многу едноставен – КРИМИНАЛЦИ, вдомени во сите сегменти на општественото живеење, од образование, здравство, па сѐ до судството. Затоа сме до ова дереџе спаднати. И никој не ни е виновен за тоа освен самите ние.

Имајќи го предвид овој севкупен криминал, по најновите сознанија, сваќам дека  нема институции во системот кој не се замешани во оваа афера, почнувајќи од Владата со нејзините министерства, судството, полицијата и егзекуторот Народна банка. Нека им служи на чест, со ваквите дејствија праќаат јасна порака дека ние обичните граѓани сме оставени на милост и немилост на структури на власта, а кога е власт во прашање, тогаш таа ги има при рака сите можни алатки за замолчување и кршење на секој поединец.

Дами и господа, се обраќам до организаторите на овој криминоген чин – кај мене ова не ви минува, до последен здив ќе се борам за вистината, ќе се борам за правдата, ќе се борам да ги изнесам сторителите на ова злодело пред лицето на правдата. И тоа не само за мое добро, туку за доброто на иднината на оваа земја.

Почитувани, верувајте дека нема да дозволам гневот да ме надвладее. Секогаш кај мене ќе надвладува разумот. Но, има нешта во животот на секој поединец што нема цена, а тоа е ДОСТОИНСТВОТО. Најдоблесната работа во животот на секој поединец е достоинството, и токму затоа мојата борба продолжува.

Старите велат арамии, арамилук и арам. Најверојатно тоа се турски зборови вдомени во нашето секојдневие, кои длабоко го отсликуваат доброто и злото. Овие наведени синоними се израз на зло, но за жал се вдомени кај нас, во нашите животи.

Времето за сеир или рамнодушност кон туѓата нанесена неправда минува. Утре вие сте следни на ред.

Share:

Остави коментар