Почитувани читатели,
Минатава седмица ја одбележаа настани кои можеби ќе ја детерминираат натамошната историја на нашата цивилизација.
Светот доби нов претседател на САД, најсилната држава во светот, а тоа е господинот Џо Бајден. По мој вкус човек на место, одмерен, со карактерни црти на смиреност, а неговото искуство и зрелост се доказ дека годините што тој ги има се неговото најголемо богатство и најголема доблест, бидејќи гарантираат мудрост. Се надевам дека ќе продолжи со мирољубивата политика во светот, каде што повеќе ќе зборува за ширење на меѓународна соработка, општествен просперитет, а посебно проспериет на секој поединец, и дека конечно ќе ја пренесе пораката дека планетата земја ни припаѓа на сите нас, независно од националната припадност, бојата на кожа и верската припадност и дека треба да живееме во хармонија. Воедно, се надевам дека ќе стави акцент и на еколошките проблеми со кои се соочува човештвото, а чии последици допрва ќе ги чувствуваме.
Од друга страна пандемијата Ковид-19 си го зема својот данок во сите сфери на нашето живеење. Во прашање е здравјето на секој поединец и на ова поле не треба да се штедат средства и час поскоро треба да се справиме со актуелната пандемија и со можните идни пандемии кои ќе се појавуваат во нашето опстојување на планетата земја, како резултат на човечката негрижа за земјата и за нејзините ресурси. Цената на оваа пандемија ја плаќаат сите, меѓутоа најтешко ќе ја почуствуваат најсиромашните земји во светот, меѓу кои спаѓа и нашата. Врз нашата кревка економија се наметна товарот од пандемијата, кој многу тешко го издржува, а последиците допрва ќе следат.
Невработенаоста катадневно расте со отпуштање на голем број вработени, посебно во хотелиерството и угостителството, текстилната индустрија и агенциите кои претежно се бават со туризам. Да не говорам дека базичната индустрија се соочува со истите проблеми бидејќи побарувачката за нивните производи во светот опаѓа и навистина е тешко да се претпостави која ќе биде крајната цена што ние ќе ја платиме, предизвикана од пандемијата Ковид-19.
Доаѓа долга зима која ќе биде исклучиво многу тешка, посебно за најзагрозениот социјален слој во Република Македонија. Светскиот пад на БДП ќе се рефлектира врз нашите животи. Прашањето е како да се справиме? Секако дека ќе можеме да се справиме само ако сме наоружани со искуство и знаење. Не случајно во вакви тешки моменти од пандемијата во Америка доаѓа нов претседател наоружан со сите животни предизвици и искуства. Треба и ние, жителите во Македонија, да учиме од ваквите примери и да не ги фрламе на буниште луѓето со човечки доблести, а посебно со искусто. Нека ми простат моите македонски политичари, кои сите до еден се сметаат за неприкосновени лидери во своите партии, а изгледаат како недораснати да ја водат државата со знаење и искуство.
Почитувани, мојата борба за докажување на вистината поврзана со стечајот на Еуростандард Банка продолжува. Го имам искуството, го имам знаењето и убеден сум дека сите учесници во овој злостор ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Начинот на мојата борба ќе биде константен, а алатките кои ќе ги користам во многу нешта ќе зависат од најавената седница на Собранието на РМ каде ќе биде ставено прашањето за стечајот на ЕСБ. Бидете убедени дека правдата е на моја страна и тоа ќе го докажам.
Живееме во држава во која што веќе две децении по ред институциите од витално значење за општеството, како судство, обвинителство, полиција се комплетно заробени од партиите на власт и исклучително функционираат врз основа на „даден налог од горе“.
Политичкиот ринг по се изгледа е единствената алтернатива за мене и мојата борба. Повеќе од јасно е дека во сите идни изборни процеси ќе бидам учесник, каде што основната цел и мото ќе ми биде борбата против организираниот криминал. Мојот приод ќе биде многу транспарентен и јасен. Плевелот во нашите градини треба да се исчисти од корен.
Сакам да потенцирам дека многумина сакаат случајот да оди во заборав. Не, почитувани, тоа нема да се случи. Повторно таксативно ќе ги набројам причините зошто тоа нема да се случи:
1.Пред повеќе од 1 година од носење на ЕСБ во стечај, назначивме нов Управен одбор, чија единствена задача беше да се стабилизира банката, каде и ние како акционери вложивме додатни 11 милиони евра, и да се најдат парите кои перманентно и организирано биле крадени од ЕСБ. За да не дојдеме до крајните корисници на овие украдени пари, ние бевме ликвидирани, како банка и како правен субјект. Тоа практично значи дека мене, како акционер ми се врзани рацете како правно лице да ги гонам сторителите на ова криминогено дело.
Самата донесена одлука од Народна Банка за носење на ЕСБ во стечај на ден 12.08 2020, беше донесена во момент кога немавме формирано ниту Влада, ниту Парламент, се со цел час поскоро да биде затворен криминалот сторен во самата банка, со учесници од банката во името на Генералниот директор Николче Петкоски и негови блиски структури надвор од банката.
Народна Банка во името на Гувернерката Бежоска посегна по најострата мерка СТЕЧАЈОТ, иако процедурално имаше можност да ги употреби алатките на вонредни мерки и администрација. Нејзиното место во овој криминал го ставам во графата ИЗВРШИТЕЛ.
- Вонредната ситуација која траеше цели 97 дена им одеше на рака посебно на структурите заинтересирани за ликвидирање на банката, бидејќи бевме лишени од можноста за принудна наплата на нашите побарувања кои на месечно ниво изнесуваа од 2,5 – 3 милиони евра.
Во улогата на извршител ја ставам и Техничката Влада на чело со Техничкиот Премиер Оливер Спасовски, со носењето на 2 контрадикторни уредби, со сила на закон, со кои првата уредба утврдува 90 дена да не смее да се покрене стечајна постапка за ниту еден правен субјект, по завршување на вонредната ситуација, да би после 2 месеца ваквата уредба биде суспендирана, а тоа значи носење на банката во стечај, ВЕДНАШ.
Почитувани, за мене од овој пат нема отстапување. Знам дека со мојата упорност ги правам многу несигурни креаторите и чинителите на ова злодело. Нема цена која нема да ја платам за да се дознае вистината. Со ова званично објавувам ВОЈНА против организираниот криминал, против чинителите на организираниот криминал и ве повикувам ВАС, моите сограѓани да се придружите на оваа моја војна. Само така ќе успееме да го исчистиме закоравениот плевел во нашата земја, кој има име ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ.
Јас продолжувам, а ВИЕ ако саката гледајте сеир и понатаму, ако сакате придружете ми се или ако сакате останете рамнодушни. Но, ве убедувам дека рамндушноста е најконфорна но и најдобра почва за развој на организиран криминал.
Во најскоро време ќе се појавам на социјалните мрежи со сопствен портал, инстаграм, фејсбук страна која ќе биде ребрендирана и фан пејџ. Тоа ќе бидат моите први оружја во претстојната војна против организираниот криминал.
Останете ми со добро здравје и расположение во овие и така тешки денови на искушене.