Почитувани читатели,
И како општество и како луѓе, минуваме низ многу тешка фаза во нашето натамошно опстојување, на планетата земја. Како суштества на земјата со своите позитивни доблести, единствено ние, луѓето ја имаме можноста да се надградуваме црпејќи од историјата знаења и искуства за да не ги повторуваме грешките од минатото.
Го поминавме продолжениот викенд без плаќање на ДДВ! Како што вели старата римска поговорка: Ако сакате мир, дајте му на народот леб и игри! Ми се чини дека оваа римска поговорка и те како се применува во наши услови. Се работи за ДДВ, данок на додадена вредност, кој што ние граѓаните го плаќаме со цел да овозможиме функционалност на системот, а наспроти тоа системот треба да ни испорача стабилен, сигурен и здрав економски живот.
Да се користи основниот приход на институциите, а тоа е ДДВ наменето за игри е податок повеќе до каде сме ја дотерале. За минато-неделниот продолжен викенд за купување без ДДВ, каде единствено работеа супер-маркетите, а тоа значи купување на прехранбени производи, во голем процент и друго. Апелот беше купувајте македонски производи. Позитивно за закрепнување на македонската економија.
Во преносно значење неплаќањето на ДДВ е лебот, а самиот ДДВ е игра. Со прости зборови кажано, ајде да си играме со ваши пари. Заклучуваме дека СТАРАТА РИМСКА ПОГОВОРКА е имплементирана во нашeтo секојдневиe!! ЛЕБ И ИГРИ!, ама на туѓа сметка.
Почитувани, денес минуваат два месаци од покренување на стечајната постапка на Еуростандард Банка, и ниту од далеку не сакам да бидам амнестиран од каква било одговорност за носењето во стечај на Еуростандард Банка. Стечајот повлече со себе илјадници животни судбини, семејства на кои несомнено им се промени животот.
Од друга страна, неможам да го сфатам молкот за направениот злостор од највисоките институции во државата, а тоа се: Претседателот на државата, Премиерот на Владата на РМ и Спикерот во Собрание на РМ.
Процедурите кои Народна Банака мораше да ги користи за спречување на оваа ликвидација, не беа користени. Ги повторувам таксативно.
- Редовни мерки
- Вонредни мерки
- Администрација
- Стечај
Од овие четири основни алатки за справување со аномалии во банкраското работење, Народната Банка ги користеше првата и четвртата.
Вонредната ситуација важеше за сите, само за Еуростандард Банка не важеше, и за нас како акционери во банката. Кредитното портфолио на Банката било лошо години наназад. Еуростандард Банка цела година не можеше да работи со правни и физички лица, точно поради лошите пласмани. За време на вонредната ситуација ни беше ускратено правото за присилна наплата на лошите пласмани кои на месечно ниво и покрај тоа што беа отпишани согласно Законот за Банки, ние акционерите и новиот Управен Одбор успеававме да наплатуваме на ниво од 2,5 милиони евра на месечно ниво, во просек. Повторувам! Наплатувавме од веќе отпишаните кредитни побарувања. Детерминирани бевме за наплата на отпишаните побарувања и на тој план бевме навистина успешни.
Ако ние како акционери не бевме спремни да ја спасиме банката, а со тоа и коминтентите на банката, тоа би го разбрал како неминовен чин за ликвидација на банката. Вака, анализирајќи ги сите случувања кои се случуваа во месеците пред носење на банката во стечај укажуваат на длабоко девијантни појави, типично за организираниот криминал од највисок маштап!
Почитувани, ќе наведам факти за кои не смееме да премолчиме.
Со уредби од Техничката Влада на Република Северна Македонија, објавени во Службен Весник од 24.03.2020 година, кои имаат законска сила, регулиран е стечајот, кој не смее да се поведе три месеци по истекот на вонредната ситуација, за да со иста таква уредба, објавена во Службен Весник од 29.05.2020 година се елиминираат предвидените три месеци за непокренување на стечај. Замислете… само за 2 месеци се носат уредби кои се дијаметрално спротивни! Прашувам отворено, ЗОШТО се донесе првата уредба, за три месечно одлагање на секоја стечајна постапка после завршувањето на вонредната ситуација и ЗОШТО со новата уредба се укинува предходната која во основа требаше да помогне во справувањето со пандемијата Ковид-19 и последиците кои ќе произлезат после вонредната ситуација.
Јас, друго ништо неможам да видам, освен отворениот стечај на Еуростандард Банка. А ЗОШТО? ЗАТОА што ако останевме во банката ние акционерите, со новиот Управен Одбор, земајќи ја предвид и временската димензија ќе можевме да работиме на интензивна наплата на отпишаните побарувања, ќе ги утврдевме и докажавме криминалните дејствија во самата банка и секако ќе дојдевме до крајната адреса каде завршиле парите на штедачите, а на крајот и на акционерите.
Патот на парите неможе да се сокрие, меѓутоа може никогаш да не се открие, доколку правниот ентитет биде ликвидиран.
Кому му сметавме?…Зошто ликвидација? По чии налози и препораки се носеле овие уредби од Техничката Влада? Кој дал налог да се смени уредбата на Владата, објавена во Службен Весник од 24.03.2020 , требало да се сокријат трагите на парите?
Сите овие прашања се наметнуваат како логични, бидејќи стечајот на ЕС Банка во основа го потресе и банкарството и економијата во земјата. Зошто во само два месеци, првобитната уредба на Владата се суспендира?
Нека ми простат граѓаните и симпатизерите на политичките партии, но мојот прст е вперен кон актерите на ова дело, а начинот како да се дојде до правдата е непредвидлив, макотрпен и тежок, посебно кога имате институции кои се дирекно или индирекно замешани во овој скандал.
Јас, продолжувам со мојата борба, бидејќи направија една Грешка!, сеуште сум тука, со здрав ум и со добро здравје, а вистината мора да излезе на виделина.
Во животинскиот свет, кај големите мачки има различен приод кон барањето на храна. Поголемиот дел од нив го убиваат пленот за да ги задоволат своите потреби, додека има и такви животни, кои што водени од гладта кинат месо од пленот, нанесувајќи му страшни болки при сеуште жива свест. Да, говорам за хиените!
Почитувани, со ова ја завршувам мојата денешна колумна, меѓутоа не ја завршувам мојата борба. Вие кои го креирате јавното мнение очекувам да се вклучите дирекно или индирекно со справување на ова општествено зло во Македонија, а тоа е организираниот криминал на највисоко ниво, кој во последниве две децении е секојпат на врвот на девијантните појави во годишните извештаи на Европската Унија. Ликвидацијата на Еуростандард Банка нека ви биде патоказ во справувањето со ова општествено зло. Идните поколенија се во прашање!. Не дозволувајте конформизмот да биде причината што ова зло нема да биде уништено. Една е целта, тоа што им се случи на штедачите во Еуростандард банка, никогаш повеќе да не се повтори.
Сеирот оставете го настрана, треба акција.