Во денешните мои размисли посебно ќе се осврнам околу формирањето на Парламентот, односно Собранието на Република Македонија како и формирањето на новата Влада, после вонредните избори одржани на 15 јули 2020 година.
На сите ни е познато дека Влада ќе формираат Социјал демократскиот сојуз и нивните коалициони партнери, партијата ДУИ. Парадоксално, како што и најчесто се случува на нашата политичка сцена полна со парадокси, тоа се партиите кои во предизборието и во самиот изборен циклус си фрлаа меѓусебно многу отровни и навредливи стрели. Но, кај нас во Mакедонија, особено во политиката, сѐ е можно.
Се надевам ги утврдија приоритетите на новата Влада која следниве денови треба да се формира, и во која секако ќе имаме нови имиња како освежување, но најмногу ми паѓа во очи ротирањето на поедини министри во владата, посебно во рамки на коалицијата предводена од СДСМ.
Сметам дека искуството стекнато на одредени министри кои успешно го воделе министерството, треба и понатаму да останат и да го водат тоа ресорно министерство, но за жал во оваа коалиција на голема врата влегува пазарот на посебни меѓупартиски интереси.
Би сакал да се навратам, особено со конкретни примери со некои луѓе кои што оставиле печат на светско ниво. Претпоставувам дека многу добро го паметите министерот за надворешни работи Геншер на Сојузна Република Германија, а сигуен сум дека ви е познат и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Министерот Сергеј Лавров, кој со години наназад е министер за надворешни работи.
За мене важи догмата вистински човек на вистинско место во вистинско време.
Зошто ова го велам! Многумина од нас се согласуваат или не со Преспанскиот договор, во рамки на кој Македонија мораше да се преименува со цел да ни се отворат вратите на НАТО и ЕУ. Враќање назад од овој договор нема, а сите кои сметаат дека во најблиско време може да го решат ова прашање, се лажат и губат непотребни емоции и време..
Оваа колумна би сакал да ја посветам на поранешниот министер за надворешни работи господинот Димитров, кој согласно кулоарските информации ќе биде ротиран да го води Секретаријатот за Евроинтеграции при Владата на Република Македонија.
Според мене двоецот Заев-Димитров или Димитров-Заев го реализира Преспанскиот договор и ги релаксира односите со нашиот источен сосед.
Почитувани читатели, за секој поединец, независно од неговата стручност, додека да навлезе во материјата што треба да ја води, потребно е време, напорна работа и трпеливост, и затоа ми е чудна одлуката еден успешен министер за надворешни работи да биде ротиран, а по моја лична оценка дури и деградиран, одземајќи му го министерството кое многу успешно го водеше, а доделувајќи му сектор за европски интеграции при Владата на Република Македонија.
Се прашувам?.. колку уште ќе ни треба време да еволуираме, за да сфатиме дека со пазарџиски политики дефинитивно неможеме да тргнеме напред.
Дека опозицијата е многу силна, тоа го покажа изминативе денови, а воедно се покажа и дека кревкоста на оваа Влада може да доведе до нови парламентарни избори. Секој циклус на нов изборен процес е јамка која што се става околу вратот на граѓаните на Македонија.
Општо познато е дека најмногу во тие политички борби за власт страдаат обичните граѓани кои се мачат да заработат корка леб, а најмногу е погодено стопанството кое не само што не оди напред, туку стагнира.
Сакам на новата Влада да и посакам успешна реализација на програмските цели, но ви велам дека ќе биде пеколно тешко да ги реализира тие цели, посебно поради пандемијата Ковид-19 која сеуште пустоши на светско ниво и ќе биде една од најголемите пречки.
Да се надеваме дека со мудра политика ќе успееме да ги минимизираме последиците од оваа пандемија и ќе најдеме пат за сопствен развој.
НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА, НЕЛИ?!