ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ

Искрено, имам чувство дека ви досадувам доколку и денес колумнава би им ја посветил на актуелните горечки политички теми и на панедмијата Ковид 19. Зошто, затоа што повеќе од јасно е дека политичката борба се одвива зад очите на јавноста (типично за нашата политичка (не)култура), а политичките партии не преговараат во името на гласачите кои го дале гласот за нив, туку во името на партиските интереси. Од друга страна, пандемијата понатаму се шири катадневно одземајќи животи, а и превртувајќи ни го секојдневието ничкум наопаку – што заради немањето стручна државна стратегија за справувањето со ова зло, а во голема мера и заради неодговорноста на граѓаните. Сметам дека секој збор искажан на овие теми е отповеќе.

Денеска би сакал да пишувам за нашиот македонски национален идентитет, тема која ја бранува јавноста во Република Македонија и Република Бугарија, пред сѐ тргнувајќи од историјата, па завршувајќи со фазата која апсурдно упатува на тоатлно анахроното политичко становиште дека од бугарската официјална страна, дека ние, македонците, сме бугари и нашиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик.

Верувајте ми, несакам безобразно да ги толкувам овие историски неправди и политички апсурди на кои инсистира нашиот источен сосед.

Факт е дека македонската нација е најмлада на Балканот, но за нејзиното национално дооформување имаат заслуга луѓето кои се фатиле за оружјето, луѓето кои се фатиле за перото и луѓето што се фатиле за нотите, покажувајќи го нашиот национален идентитет.

Од горе наведените три борби, секоја од нив има свое место за нашето денешно постоење како националност.

Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и ред други истакнати личности кои ги вложиле сите свои интелектуални и животни капацитети, бранејќи ја слободата на Македонија и македонскиот народ, се само малкумина од многуте такви дејци, на кои треба вечно да им бидеме благодарни и да ги сврстиме во алејата на оние на кои треба да им се одаде почит.

Дејците со перото како Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Коста Рацин и уште плеада од писатели, ја дадоа првата национална димензија за обликување на чувството македонец.

Блаже Конески творец на современиот македонски литературен јазик е прв меѓу еднаквите. Ако татко на српскиот јазик е Вук Караџиќ, јас Блаже Конески го сметам за татко на нашиот македонски јазик.

На македонски јазик се испишани илјадници дела кои го отсликуваат богатството на современиот македонец, но ја бележат и вековната јазична, етнографска и антрополошка традиција на ова поднебје.

Воедно, тука се и собирачите но и авторите на непресушното музичко богатсво, кои од фолклорот па до современите музички жанрови му го дадоа печатот кој никако другачие неможам да го наречам , освен самобитност.

Не можам да ја заборавам првата напишана опера  во Македонија од веќе починатиот Кирил Македонски, автор на операта ГОЦЕ, како и авторот на оперите БОЛЕН ДОЈЧИН и ЛИДИЈА ОД МАКЕДОНИЈА од Ристо Аврамовски. А тука е и визнатолошкото музичко наследство. Не се добројуваат звуците на Македонија кои говорат на специфичен но универзален јазик.

Почитувани мои читатели, можеби делава со оружје, перо и ноти не се во толкав број како кај нашите соседи на север, југ , исток и запад, но да не заборавиме, тоа се наши дела, тоа е наш идентитет.

Ќе ги повторам зборовите на последниот Црногорски крал Никола од 19 век, кој вели: „Ја изгуби битката?… не плаши се, ќе ја добиеш следната. Ја изгуби војната?… не плаши се ќе ја добиеш следната, но, ако го изгубиш јазикот, тогаш си се изгубил себеси и си изгубил се“.

Мојата порака е да го негуваме нашиот македонски јазик, да го збогатуваме катадневно и да созадваме современо уметничко творештво во сите жанрови и родиви (визулени уметности, музичко и книжевно творештво, како и во останатите современи и актуелни уметники практики) кои ќе останат запаметени засекогаш.

Нека ми простат граѓаните во Република Македонија кои не се македонци, бидејќи колумнава ја посветив само за македонските работи, но убеден сум дека нема лично да ви наштети, туку напротив да ја зајакне желбата за посилен и поздрав соживот, почитувајќи го основното право на демократија, а тоа подразбира јасна слика за тоа ШТО СУМ И КОЈ СУМ.

Share:

Остави коментар