Би сакал со денешната колумна да дадам можен човечки придонес кон размислувањата за справувањето со пандемијата на новиот вирус, Ковид-19 и мојата проценка за политичката ситуација по парламентарните избори по 15 јули. Тоа се двете најгорливи теми во нашава држава.
На сите ни е јасно дека пандемијата Ковид-19 не само што не стивнува, туку напротив се шири со застрашувачки и неконтолибилни размери.
Во последниве 6 -7 дена од вкупно тестирани лица процентот на позитивни, односно заразени од овој вирус се движи меѓу 15-20%.
Доколку вакво нешто ни се случуваше инцидентно, би сфатил дека тоа секому, па и нам може да ни се случи. Но, почитувани мои сограѓани, јас отворено говорам и ќе кажам дека не сме способни да се справиме со овој опасен вирус. До вакавата состојба доведоа многу причини од кои јас би набројал неколку.
На прво место би ја ставил неодговорноста на Владата, па макар таа била и техничка, но и на ресорното министерство, бидејќи пред и по изборите таа популистички кокетира со народот и носи несогледиви последици. Основните начела на демократијата не значат и анархија. Демократијата завршува онаму каде што започнува борбата за опстанок на човекот.
Втората причина е несериозниот пристап на севкупната македонска популација која ја прифати оваа пандемија во стилот ЈАЧИ СМО ОД СУДБИНЕ, химната на политичката партија ГРОМ.
Неможе така… инсистирам на воведување на најстроги рестриктивни мерки со цел да го запреме натамошното ширење, не да го победиме, меѓутоа во ова безвластие по парламентарните избори имаме вистински недостаток од институции кои ригорозно ќе се заземат да го сопрат натамошното ширење на оваа пандемија.
Би заклучил – јасно е дека повеќегодишното урнисување на чувството на заедница, на солидарноста, на одговорноста за колективот и за заедничкото добро, и лошото образование, но и воспитание, нѐ доведе во оваа речиси безнадежна состојба на дезориентираност во која животот и смртта се натпреваруваат.
Сосема нормално е да констатирам дека оваа агресија на пандемијата во Република Македонија доаѓа во најнезгодниот политички час, но, воедно, и дека е одраз на агресијата која постои генерално во нашето општество, во секој општествен сегмент.
Несакам да го коментирам фактот дека ние граѓаните на Македонија сме непосакувани гости во ниту една земја, токму поради нашата несериозност со справување со пандемијата Ковид-19. Ќе созрееме ли еднаш? Ќе научиме ли некогаш? Ќе дозволиме ли некогаш поумните, поискусните и професионалците да го водат овој народ, бидејќи почитувани мои, како сакате и од која страна сакате да гледате на овој проблем, проблемот е во институциите на Владата, тоа значи во самат Влада.
Парламентарните избори завршија. Според мене единствен победник е ДУИ, со нивниот лидер Али Ахмети, од кого останатите партиски лидери треба многу да научат.
Сакам да дадам своја анализа, кои се алтернативите за формирање на нова Влада.
Многу е јасно дека без ДУИ, Влада не се прави. Многу јасно се поставени барањата на ДУИ и верувам дека има место за договарање, меѓутоа генерално позициите, меѓупартиските односи меѓу ДУИ и СДСМ се крајно нарушени и не само што СДСМ ги наруши односите со ДУИ, туку ги наруши и со ЛЕВИЦА.
Не сум паметен да проценам каков ќе биде исходот, бидејќи Влада мора да се формира, па дури и под услов да не чекаат нови предвремени парламентарни избори во најкус период.
Драги мои читатели, како многумина од вас и јас си ја сакам татковината и народот кој живее на територијата на Република Македонија, но сакале или не ние мора да признаеме дека сеуште ни недостасува вистинско образование кое ќе изгради квалитетно општество, а со тоа и квалитетни политичари.
Личен мој впечаток, со кој немора да се согласите е дека во Македонија има недостаток од вистински политичари со чувство на одговорност, знаење и организациони способности, но и со стратегиски капацитети.
За многумина може да изгледам како носталгичар, бидејќи мое лично убедување е дека во последната декада на 20 век, па и првата декада на 21 век имавме многу поширок и поквалитетен политички избор одколку што го имаме денес. И во тие времиња имаше заталкани личности во политиката, но не во толкав број и не на толку одговорни позиции.
На крајот да заклучам… Дали можеме да извлечеме поуки и како да се справиме со негативните појави од пандемијата Ковид-19, како и со нефункционалноста на политичкиот систем, на Владата и на Парламентот и како да излеземе од овој ќор-сокак.
Е, токму тука почитувани мои читатели и во овој миг ќе можеме да ги препознаеме вистинските лидери кои во интерес на граѓаните и иднината ќе направат сѐ, а најмногу ќе се откажат од своите лични амбиции, со цел да имаме какво-такво решение.
Ќе го повторам моето гледиште за формирање Влада на помирување или ако сакате крестете ја Експертска влада, составена од личности со интегритет, знаење. Мораме еднаш да ставиме крај на партиското султанство, на третирањето на државата и општеството како сопстевн приватен бизнис, и ќе мораме да ги тргнеме на страна лицемерието, полтронството и клиентелизмот бидејќи се рак-рана на ова општество.
Да размислиме сите и дејствувавме бидејќи сите имаме дговорност за големата слика, и за арно и за лошо.