На почетокот, би сакал да се заблагодарам до сите вас што ми дадовте поттик и понатаму да ги артикулирам своите ставови и мислења, а кои можеби ќе беа задушени токму од оние кои не умееjа да ја искажат својата поддршка, неаргументирано и насилно дискредитирајќи го моето мислење кое веројатно се разликува од нивното.
Посебно ме импресионираше ставот на една моја сограѓанка од кинеско потекло. Кина е древна култура врз чии вредности почива целата цивилизација. Таа ме подучи дека животот е борба. И интимна и заедничка. Затоа, еве, повторно сум меѓу вас. А на оние кои сакат да критикуваат, би им препорачал да го користат достоинствениот критички аргументативен “апаратус”, кој подразбира факти, знаења и отворена и конструктивна дебата, а не навреди “ад хоминем” и понижувачки јазик. Потсетете се секогаш на Блаже Конески и на неговиот благ, но мудар збор.
Денес би сакал да го изразам мојот став, кој длабоко тлее во мене за односите со нашите соседи, Бугарија и Грција. Балканските војни во минатиот век, кои донесоа расчеречување на Македонија, сѐ уште, според мене, се предмет на размисли за можно повторно парчење на нашата земја. Со Грција, после потпишувањето на историскиот договор за името, очекував дека односите ќе бидат порелаксирани и попрогресивни. Меѓутоа, новата влада на Мицотакис, го почитува Преспанскиот договор, меѓутоа и не сѐ во него, бидејќи сметаат дека тој договор за Грците е предавство, што, се разбира, е вон умот. Нивниот министер за одбрана најавува одредени опструкции во билатералните односи на нашите две земји, кои не одат во прилог на мирот, стабилноста, прогресот и еманципаторските политики.
Од друга страна, Бугарија е земја која прва нѐ призна под нашето уставно име, и после потпишувањето на договорот за добрососедските односи очекував дека ретроградните историски наративи, кои претендираат кон поништувањето на нашата автономна историја, се закопани. Меѓутоа, впечаток ми оставија средбите на нашите и на бугарските историчари, во поглед на толкувањето на македонската и бугарската историја, кои во многу нешта се поклопуваат.
Како патрон на тие средби беше претседателот на Р. Бугарија, Румен Радев, но за жал, не го видоа својот епилог, заради недоразбирањето и не заокружувањето на дебатата околу Гоце Делчев и неговиот идентитет и неговото политичко и културно значење. Повеќе од јасно е дека бугарската држава во минатиот век изгуби три војни, за да завладее со Македонија. И тоа ја чинеше многу. Но и понатаму сеништата дека ние сме дел од Бугарија, се надвиснати над интелектуалните јадра во Бугарија, што е поразувачки за мене. Мене лично не ми пречи заедничкото чествување на Гоце Делчев. Бидејќи неговите вредности се наднационални, неговите хоризонти се доволно широки за тој да му припаѓа и на светот. Но, никој нема право и нам, на Македонците, некој да ни го одземе тоа чувство. Сепак, горкото чувство остана – и претседателот Радев и премиерот Борисов рекоа дека нема поддршка за нашата земја и нејзиниот пат кон европското семејство без да се реши прашањето за Гоце Делчев.
Се прашувам дали овие две политички фигури размислуваат за мирот и стабилноста на регионот, на Европа, или само се заробеници на своите ситни и ретроградни аспирации и интереси. Се чини ова како некаква параноја и гротеска. Заради личноста на Гоце Делчев, ние нема да добиеме од нив поддршка во европското семејство. Ако господинот Радев и господинот Борисов, на својата богата трпеза ја стават историјата како храна, тогаш тоа е тажно за нив. Според мене, на политичката трпеза треба да се говори за иднината на идните поколенија, а не да се дојадуваат коските од минатото.
За мене најбитна е иднината. Таа не смее да стане небиднина. Затоа давам предност на сето она што гарантира прогрес.
Гоце Делчев е мој, независно што во тогашните комплексни политички и историски околности тој бил бугарски ученик. Историјата е поле за толкување и може кој како сака да ја чита. Упатувам порака до нашите политичари да бидат поостри и порезолутни. Во мојот живот никогаш не сум имал милитантна реторика. Меѓутоа, има црвени линии, кои тешко можам да ги поместам.
Во изминативе три години направивме сериозни компромиси, кои беа нужност, но нѐ чинеа многу. Затоа, време е нашите политичари да бараат компромисни решенија, кои секако нема да бидат на штета на другиот, но нема да бидат на штета ни на својот народ.
Објективно, ние сме најмалубројната, после Црна Гора, и најмладата нација на Балканот. Меѓутоа, националното чувство е длабоко развиено кај нас. Особено заради силните личности кои се темел на нашиот социо-културен идентитет и кои ја дефинираа нашата посебност.
Ако Бугарите нѐ сметаат за братски народ, тогаш нека ја покажат на дело таа братска љубов. Во спротивно, за жал, и понатаму ќе бидат третирани како народ кој има аспирација кон мене како Македонец да ме претвори во „благонадежен“ Бугарин. Убеден сум дека ниту европската заедница нема да молчи за оваа децениска и мачна неправда кон нашата држава.
Упатувам порака до сите лидери дека целиот Балкан мора да биде дел од европското семејство. А ние, исто така, мораме да работиме темелно за да стигнеме до таа цел.