Би сакал да ги споделам со вас моите најискрени и длабоки чувства на воодушевеност од настапот на нашата Тамара на Евросонгот 2019 во Тел Авив. Како ретко кога во животот, ми се случи да ме обземе голема среќа и гордост што сум Македонец, токму заради тоа што имавме најдостоинствен изведувач, по сите светски критериуми. Тоа ми дава надеж дека нѐ имало, нѐ има и ќе нѐ има надарени, кои ќе дадат придонес во афирмацијата на нашата земја. Сакам да потсетам дека точно пред 17 години, на 19 мај, Кометал Ѓорче Петров ја освои шампионската титула во женски ракомет, со што покажавме дека можеме да бидеме истрајни и во борбата на спортско поле.
Тамара покажа една друга димензија, уште посилна и уште поважна за нас. Со својот настап ги фрли во сенка големите изведувачи од колевките на современата поп музика како Италија, Франција, Англија. Во миговите кога се истураа 12ки од стручните жирија на сметка на Тамара, мислам дека секој Македонец се почувствува барем за миг, иако реалност ни е сосема друга, како вистински Европеец. Тамара ни ги разгали срцата и душата.
Ќе ми простите, не можам да го сфатам однесувањето на толку патриотската дијаспора во светот од која Тамара доби само 58 гласови. За тие таму во дијаспората, сакам да им порачам, дека земјата се сака со дела, со поддршка, со истрајност, а не со квази политики, кои водат во битка којашто е однапред изгубена.
Драга Тамара, двете најубави нешта што ми се случиле во мојата татковина се на 18 мај 2019 твојата изведба, и на 19 мај 2002, по победата на Кометал Ѓорче Петров. Тоа се најубавите мигови кои ги имам почувствувано во мојата сакана, мила татковина. Браво! Продолжи да чекориш по патот кој си го избрала, ќе ја имаш поддршката од сите нас, кои си ја сакаме својата татковина и ти посакуваме да се вивнеш високо во истата орбита на сите ѕвезди во својата професија, кои денес го создаваат нашиот современ свет на полето во музиката.
Длабока разочараност до моите Македонци во дијаспората. Да не се лажеме, не дека со гласовите на дијаспората Тамара ќе беше апсолутен победник, но ќе се почувствуваше кохезијата меѓу сите граѓани на Македонија и сите оние македонци кои не живеат во Македонија. Нема место за разочарување, туку напротив, очекувам на крајот сите да сфатиме дека ова наше парче земја, кое сите ние си ја викаме Република Македонија, по сплет и сила на околностите, е прекрстена во Северна Македонија, само и само во интерес на сите нас кои живееме овде, за да живееме во мир и благосостојба и да ја гледаме нашата перспектива на хоризонтот од иднината.
Со омраза и кавги, што немаат крај, не се оди напред. Компромисот бил, е и ќе биде единственото нешто што е дел од нашето секојдневие, а тебе Тамара уште еднаш најискрени честитки за твојот прекрасен настап.