ЗА ЈАЗИКОТ И НАЦИОНАЛНОТО ЧУВСТВО

Почитувани читатели,
Би сакал да се осврнам на една од најделикатните и, би рекол, најопасните теми, особено во контексти како нашиот, кои по својата природа се мултиетнички и кои претпоставуваат идентитетска кревкост. Тоа е темата за националниот идентитет и јазикот, кој, секако е израз на националната припадност.
Повод за оваа моја колумна беше неодамнешното гостување на нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров на националната бугарска телевизија, каде што водителот на емисијата, на многу недостоинствен начин му се обрати на нашиот министер со зборовите „А на кој јазик денеска ние говориме во емисијава”, на што Никола Димитров му одговори достоинствено „Вие на бугарски, а јас на македонски“.
Денес, во 21-от век, ние Македонците сѐ уште се бориме за нашето признавање, а парадоксот да биде поголем, таа битка со најголем влог ја водиме со нашите соседи.
Почитувани мои читатели, колку што ми е познато од историјата нациите доаѓаат во реалниот живот кон крајот на 18 и 19 век. Кај нас Македонците тоа национално чувство се раѓа во кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Опкружувањето на Македонија е вистинскиот извор на сите проблеми кои што во минатото биле поводи за војни, а не дај Боже тоа може да се случи и во иднина. Третирањето на Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, пред распаѓањето на Отоманската Империја беше како ничија земја, каде што сите поголеми државички околу нас претендираа дека тоа е нивна земја.
Се водеа две Балкански и две Светски војни, каде ние Македонците бевме монета за подкусурување. Сакам да им порачам на сите соседи кои имаат илузии и претензии да не апсорбираат како Бугари, Срби или Грци, дека македонската нација е родена и постои автономно. Да, се согласувам, најмлада е од сите нации во нашето опкружување. Но тоа не ја минимизира нејзината важност и нејзиниот суверенитет.
Почнувајќи од Крсте Петков Мисирков и низа други дејци, завршувајќи со Блаже Конески го оформивме најсилното наше македонско орудие, а тоа е нашиот македонски јазик. Јазикот е клучната идентитетска референца за секоја нација.
Почитувани мои пријатели од Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Косово, почитувајте го моето национално чувство и не правете грешки коишто ќе можат повторно да го внесат целиот регион во политички немир, кој може да прерасне и во насилен непосакуван воен виор.
Познати се зборовите на последниот црногорски крал Никола кој вели вака : „Изгуби битка?…. не се грижи, ќе ја вратиш, изгуби војна?… не се грижи ќе ја вратиш, ама ако го изгубиш јазикот тогаш престануваш да постоиш.“
Јас немам сомнеж и немам никакви идентитетски дилеми – Македонец сум кој има свое културно наследство, свои специфични културни обележја и свој јазик кои се регистрирани како посебен во Обединетите Нации. Наместо да градиме иднина која ќе се базира на почитување на различностите но и содружништво со сите нации околу нас со нештата кои нѐ поврзуваат, а тоа се, пред сѐ, слични традиции, слична култура, сличната трпеза, ние се закопуваме во ксенофобични или хегемонистички ровови, во коишто си ја погребуваме нашата поединечна и заедничка иднина.
Почитувани мои Бугари во Бугарија, па и тие кои се чувствуваат Бугари во Македонија, почитувајте ме како Македонец и верувајте, тогаш ќе станеме вистинска рода.
Не ме чепкајте таму каде што најмногу ме боли, а тоа е моето национално чувство, мојот јазик, мојата култура. Истото ова важи за сите соседи околу нас, особено за Грците и Албанците.
И покрај тоа што можеби во целото геополитичко балканско опкружување ние сме најмладото дете во однос на формирањето национална држава, сепак, нужно е да прифатите дека постоиме суверено и автономно. Само доколку се однесувате егалитарно кон нас, ќе можеме утопијата за заедничка иднина да ја претвориме во реалност и да го зајакнеме суштински регионот.
Сѐ уште ми одекнуваат зборовите на претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, кој ми кажа дека бившиот претседател на Бугарската академија на науките и уметностите, академик Воденичаров, слушајќи го македонскиот литературен јазик изјавил дека „Македонскиот јазик е најромантичниот јазик од сите словенски јазици што постојат на земјината топка.“
Јас сум среќен и воедно многу горд што овој убав заклучок го дава многу силна и еминентна личност од Бугарија.
Нека мотото за иднината гласи: да градиме мостови кои ќе ги поврзуваат сите народи на Балканите да прифатиме дека регионот ни припаѓа подеднакво на сите.
Од мене толку, а вие размислете дали уште има право на живот националниот романтизам кој го негуваат одредени структури од нашето соседство.

Share:

Остави коментар