Почитувани мои сограѓани, би сакал да проговорам за една страшна аномалија која ни се случува во нашето секојдневие, а тоа се партиските вработувања.
Сведочиме на еден парадокс кој има погубни димензии во однос на општеството и на државата. Наместо да се застапуваме за економски развој и просперитет на државата, каде што се бара висока стручност и експертиза во сите области, особено во оние кои се од витално значење, доаѓаат луѓе кои можеби имаат допирни точки со работното место каде што се поставени, но се просечни, ако не и потпросечни, и тешко дека можат да понудат соодветна експертиза.
Низ сите овие речиси три децении на независна Македонија, сведоци сме на бестијален непотизам, клиентелизам, партиски вработувања. Секоја партија кога ќе дојде на власт ја злоупотребува функцијата и државата како да е тоа сопствена фирма, а не заедничко добро.
Минатата година бевме сведоци кога актуелната власт ја критикуваше претходната власт, бидејќи околу 2000 вработени не биле на своите работни места, земале плата и си седеле дома. По мене тоа е еден најбеден клиентелизам. Денес сме сведоци на многу нови вработувања во администрацијата со претежно партиска припадност на партии кои се дел од коалицијата којашто денес владее во Република Македонија.
Мојот впечаток е дека тешко можеме да се ослободиме од оваа клиентелистичка и непотистичка култура. И токму тоа е она што е најштетното за државата – не владее принципот на квалитет туку на партиски пазар, па дури и во највиталните сегменти како што се здравството, образованието и судството.
Имаме примери на доделени многу високи функции во администрацијата, на владата, а тие носители на функции немаат ниту канцеларија ниту столче за работа. Не знаеме што тие конкретно работат и како ја заработуваат својата плата. Се прашувам дали ќе имаат крај ваквите ситно интересни, клиентелстички политики и модели на раководење со државата? До кога ќе вработуваме лица со неадекватна школска подготовка за вршење на одговорни задачи? До кога ќе градиме армија од вработени во државна администрација кои не придонесуваат воопшто, а во мое време ги нарекувавме АРАМОЛЕПЦИ.
Зарем не останало ниту трошка доблест за доброто на овој народ? Зарем целосно го загубивме интересот за заедничките добра? Сведоци сме дека нашата економија стагнира, додека давачките на секој поединец во државава катадневно растат. Ги прашувам одговорните, каде и како ги трошат овие средства што чувствувам дека веќе на сила им ги одземаат на граѓаните. Секако дел од овие пари одат и за партиските вработувања, бидејќи клучната мисија на секоја партија која кај нас доаѓа на власт е да ги награди своите послушници и поданици.
Ваквата поданичка култура ќе ја уништи државата.
Ни претстојат претседателски избори… Ја чувствувам и оправдувам резигнацијата кај граѓаните, која се зголемува се повеќе од еден до друг изборен циклус. Се шпекулира дури и од партиите на власт дека може да нема цензус од 40 % од запишаните гласачи на претстојните претседателски избори. За секој одговорен политичар ова се многу силни сигнали кои треба да се земат предвид, и кои треба да бидат опомена за незадоволството помеѓу граѓаните.
Масовното заминување на младата популација се уште не допрела по мое видување до главните креатори на реалниот живот во Македонија. Затоа апелирам до владејачките структури да се свртат кон суштинските проблеми, а тоа е економијата, т.е. стопанството и секако стручноста која треба да биде приоритет во било која сфера од нашето живеење.
Многумина ќе помислат дека мене ми е лесно во животот, дека имам се што мојот сограѓанин го нема и верувам дека се во право. Почитувани мои сограѓани, ќе бидам уште многу посреќен кога ќе видам среќни, насмеани и задоволни лица на моите сограѓани. Моето животно мото е личната среќа да ја споделувам со секој мој сограѓанин.
На крајот, сакам да пратам силна порака до оваа и идните влади на Република Македонија.
Крајно време е за освестување, Европската унија и НАТО нема да ни дадат леб да јадеме. Тоа мораме самите да го заработиме. Посветете се на интересите на Република Македонија и дозволете во вашите партии да се развие вистинска демократија, со цел да се изродат и да созреат нови личности, нови идеи и со вистински цели за иднината на Република Македонија. Не го потиснувајте интелектуалецот во вашите редови, туку напротив дајте му шанса да се издигне, а заедно со него и вие како негов претпоставен.
На крајот, би сакал да им го честитам празникот Свети Трифун на верниците од православна христијанска исповест, а на католиците да им го честитам Свети Валентајн, а останатите граѓани нека уживаат во овие два празника, бидејќи виното и љубовта се најубавите Божји дарови.