ИДНИНА

Почитувани мои читатели,

Би сакал денес да проговорам за оние аспекти кои јас ги подразбирам кога размислувам и за многуте слоеви кои со себе ги подразбира поимот иднина. Кога говорам за иднината мислам за личната иднина, онаа која секој поединец ја гради за себе, но и за иднината на нашето општество, како колективна одговорност, граѓанска одговорност, но и одговорност на политичките елити. За жал, сведочиме на масовно и забрзано заминување од Македонија или комплетно иселување на населението, особено на оние луѓе кои се во полниот елан да придонесат за градењето на нашата иднина.

Да се дозволи да заминат огромен број на млади луѓе, за мене е најголем грев, но и огромна неодговорност. За ваквата појава, и за немањето стратегија како да се прекине ваквата наезда, сносат одговорност сите досегашни влади и креатори на политики, од осамостојувањето на Република Македонија до денес. Ниту една влада до сега не презема сериозни мерки да се запре оваа грда слика.

Многу се причините заради кои младите заминуваат. Но, во основната причина за ова лежат сиромаштијата, невработеноста, а во некои случаи и неможноста да се напредува во професиите за кои се образувале, подготвувале и за кои имаат желба и знаење да придонесуваат.

Нема да замерам на ниту една влада доколку двојно го зголеми надворешниот долг, со цел тие средства да бидат наменети пред сè за развој на образованието и образовните политики и, се разбира, за развој на јавното здравство, бидејќи, како што веќе претходно пишував нема ништо поважно и повтемелувачко за едно општество од доброто образование и здравствената превенција и лекување, кои ќе бидат достапни подеднакво, за секој граѓанин.

Сето ова е инкорпорирано во опсежниот поим иднина, која зависи од сите овие невралгични точки во нашето општество. Сметам дека владините политики на претходната и на актуелната влада, особено оние политики кои се поврзани со стопанството, со таканаречените странски инвестиции во Слободни зони, во рамки на кои ние граѓаните ги плаќаме договорените субвенции, во најмала рака се несериозни и неодговорни. Накратко ќе напишам за што станува збор.

Македонија е држава која има прекрасна климатска поставеност, надареност со природни богатства, планини, води, шуми, пасишта, сонце во изобилие, зеленчук, овошје, риба, дивеч и земја која исклучиво има предиспозиции квалитетно да се развива во сферата на сточарството и земјоделието.

Се соочуваме со фактот дека секоја година нашиот сточар или земјоделец е фрлен на маргините на ова општество, бидејќи трудот кој го вложил тој и целото негово семејство, за да вроди со добар производ, државата не само што не го вреднува соодветно, туку дури, би рекол и го обезвреднува, занемарувајќи го до понижување.

Годинава тоа се случи со јаболката. Цела година се инвестира, а финалниот производ да не може да се пласира. Сведоци сме денес дека откупната цена на тоа јаболко беше 2 денара по килограм, повторувам 2 денара по килограм јаболко. Ист таков случај имавме пред четири години, поради неможноста за пласирање на доматот, каде производителите од Струмичко ги истураа доматите по регионалните патишта и протестираа бидејќи гајби од 10 килограми квалитетен домат ги откупуваа по 1 евро, каде само гајбата чинеше 0,15 евра.

Ќе се навратам уште подалеку, кога земјоделците од Росоман најквалитетниот кромид во знак на протест го фрлаа во реката Црна, бидејќи немаше пласман за него.

Ја прашувам најодговорно актуелната власт, дали има стратегија да му помогне на земјоделецот и сточарот не само во пласман на свежите земјоделски производи, туку и во креирањето на преработувачките капацитети.

Споменав само три производи, јаболка, домат и кромид.

Почитувани мои сограѓани, сите овие три производи се секојдневно на трпезите ширум светот, во свежа или преработена форма. А, постојат безброј можности за ползување и употреба на овие производи. На пример, јаболкото како финално преработен производ, може да најде место не само во прехранбената туку и во фармацевтската индустрија. Прашањето е дали политичките елити развиваат стратегии за разработката на ваквите можности.

Го поздравувам успешното работење на Витаминка од Прилеп, којашто до некаде го покажува патот по кој нашата земја треба да биде препознаена во светот – пат кој може да биде од полза за сите наши сограѓани.

Основната суровина од доматот е доматното пире, коешто влегува во состав на минимум 100 прехранбени производи, а денес ние немаме производен капацитет тоа доматно пире да биде произведено.

Во поранешната Југославија тоа постоеше и надалеку беше познато и продавано низ светот како полуфабрикат, што наоѓаше примена во прехранбената индустрија.

Говорам за сето ова, давајќи ги овие поединечни примери, со цел да го изразам своето мислење базирано на сопственото долгогодишно искуство во развојните стопанствени и пазарни политики, и моите анализи на истите, а за да и укажам на актуелната власт да прекине со натамошното поддржување на странски инвестиции и да посвети повеќе внимание на реалниот сектор во Македонија од кој впрочем и таа самата се финансира.

Овој проект навидум изгледа тежок, но за Македонија по мене е многу брзо решлив проблем. Употребата на know how системот мора да биде присутен во нашето секојдневие, за да можеме да изградиме политики за успешно финализирање на секој земјоделски и сточарски производ.

Храната секогаш ќе биде потребна, меѓутоа начинот и стандардите по кои што таа треба да биде произведена, финализирана и пласирана, нужно треба да биде поткрепена со длабоки студии за млеко-млечните, месо-месните, зеленчук-зеленчуковите производи, во примарната и секундарната примена.

Примарната ја сметам особено во земјоделието, при одгледување на свежо овошје или зеленчук, а секундарната во неговата финализација.

Неспорно е дека нашата најважна и најголема цел е влезот во Европската унија, која постои од мигот на осамостојувањето на Република Македонија. На прагот сме да влеземе во НАТО. Но, за да чекориме со здрав и стабилен чекор кон таа цел, мораме да се запрашаме како ќе влеземе во тој огромен компетитивен пазар на вредности и културни и економски и стопанствени и интелектуални и политички. Затоа ги повикувам најодговорните во земјава, да размислат и да се фокусираат на создавање на ваквите вредносни материјални и нематеријални производи, по кои Македонија ќе стане препознатлив, достоинствен и, во некои сегменти, единствен конкурент. Мора да се запрашаме и да дадеме одговор на прашањето што е она по што ние ќе бидеме препознатливи во Европската унија и кој ќе биде нашиот придонес во големото Европско семејство.

Ако нашите политичари сметаат дека Слободните зони се репер, тоа е длабока измама. Ако сметаат Македонија треба да служи „извозник“ за добро образовани луѓе, кои наместо да ги задржиме ние ги испуштаме од рака не нудејќи им никаква иднина, и тие си заминуваат засекогаш, тоа е уште поголем грев.

Европската унија ќе нè почитува само тогаш кога ќе бидеме во состојба да бидеме препознатливи по нешто што нас ќе не идентификува, а тоа е, меѓу другото, нашето стопанство, а особено нашето производство.

Да немаме илузии дека со влегувањето во Европската унија овде ќе течат мед и млеко, и дека Европската унија ќе истури огромна количина на пари за подигнување на животниот стандард. НЕ, мои почитувани читатели, тоа нема да се случи. За да се вратиме што поскоро на колосекот кој има контакт со реалноста, и доколку сакаме да бидеме рамноправен и почитуван член на европското семејство, мораме да работиме на себе, за себе, за нашите семејства и нашата држава, со цел и натаму да опстојуваме во овој прекрасен амбиент на кој многу членки од Европската унија ни завидуваат.

Не би сакал да инсистирам дека моите видувања нудат најдобри решенија за проблемот во кој се наоѓаме, но веќе е краен миг, ако не и задоцнето време, сите да почнеме сериозно да мислиме како нашава држава да ја направиме вистинско место за убав, безбеден и исполнет живот.

Темата за која пишувам е многу слоевита, комплексна и затоа ќе ми дозволите и во иднина драги мои читатели да ви се обратам со мои ставови во поглед на економијата во Република Македонија, бидејќи тој дел ми е најблизок.

Со оваа моја колумна сакам да ги поттикнам сите актери во стопанството, а посебно политичарите кои сметам дека мораат потемелно да се фокусираат на домашните инвестиции и на развој на домашното стопанство.

А вие драги мои читатели РАЗМИСЛЕТЕ.

Share:

Остави коментар