Тутунарите имаат право да бараат, а не да молат

Почитувани мои пријатели, денеска сакам преку овој пост да ја изразам мојата поддршка од незадоволните тутунари, поради откупните цени кои ни од далеку не го валоризираат вложениот труд. Повод за ваквиот мој став, е бидејќи од дете ја знам целата технологија за производство на тутун од неговото засеменување, до неговиот финален производ, кој секојпат се продава во почетокот на новата календарска година.

Почитувани, луѓето коишто се занимаваат со производство на тутун, за нив годината нема 12 месеци, за нив годината има 14 месеци работа. Од почнувањето со засадување на расад, одгледувањето на расадникот, засејување на полињата, неговото прашење, копање, наводнување и во времето на неговото зреење, секојдневно собирање на прва, втора, трета, четврта, петта рака, во најраните утрински часови пред да падне росата, неговото нижење, потоа изнесување на сонце и сушење, бдеење да не падне дожд кој ќе го уништи квалитетот и на крајот калапењето.

Почитувани, тие луѓе и кога ги мијат рацете со најсилни хемиски средства, никотинот им останува и тој леб што го јадат го јадат со вкус на горчина и никотин.

Ќе ми простите што преку овој горенаведен текст го изодев мојот личен пат од моето детство кога со години нижевме тутун. За мало дете да стане во два или три часот наутро, тоа е навистина голема мака, ама тоа искуство ме научи да ја почитувам маката на секој поединец.

На крајот сакам да појаснам. Тутунарите имаат право да бараат, а не да молат, бидејќи со труд и пот, нивниот производ го донеле во финална форма. Не посегнуваат по туѓо, си го бараат своето.

Апелирам до Владата да го земе предвид и повеќе да го почитува заработениот денар со сопствените пот и труд, отколку луѓето коишто доаѓаат и си одат на позиции не по знаење и труд, туку по заслуги и тоа колку помогнале на партијата на власт.

Жалосно, ама тоа е реалноста против која мораме да се бориме.

Share:

Остави коментар