Како бивш Градоначалник кој ја извршував функцијата од 2004-2009 година, потврдувам дека подземната инфраструктура во Скопје, не е адекватна на потребите за нејзините граѓанин.
Говорам за адекватност на најбазичните елементи, а тоа се фекална, атмосферска и водоводна канализација.
Водоводната канализација е функционална, меѓутоа со големи делници на вградени азбестни цевки, кои се канцерогени и можат да предизвикаат несакани болести по здравјето на човекот.
Забележуваме дека во последно време се менува квалитетот на водата од Рашче и Нерези во одделни делови на градот. Претпоставувам дека тоа се должи на веќе со години не реконструираниот подземен тек на водоводот.
Фекалната канализација во Градот Скопје, процентуално не е застапена ниту 50%, сè уште во периферните делови на Скопје се користат септички јами. Тоа е катастрофа. За фекалната канализација немаме пречистителни станици, а тоа значи дека фекалиите завршуваат во реката Вардар или во почвата на Скопје.
Атмосферската канализација, во времето на мојот мандат беше решена меѓу 30% и 40%. Згора на тоа при обилни дождови, доаѓаше до мешање на фекалиите со атмосферските води, што е повод за уште поголема зараза на граѓаните на Град Скопје.
Бев Градоначалник, пред моето заминување и денес го држам истиот став дека вистинските проблеми на Скопје, не се над земја, туку се под земја.
Живееме во едно налудничаво време, во кое политичките експоненти на функцијата Градоначалник се трудат да сработат нешто што ќе биде видливо за окото на обичниот граѓанин. Таквите личности не мислат за доброто на граѓаните, мислат за доброто на своите сопартијци, блиски, со цел да освојат уште еден мандат.
Почитувани, подземните инфраструктурни работи не се видливи за окото на граѓаните, ама се од суштествено значење. Ќе ви наведам еден пример: во претседателската кампања на Црвенковски тогашната партија на власт СДСМ-ЛДП, отпочнаа фекална канализација од селото Стајковци, селото Сингелиќ и требаше да заврши кај селото Инџиково. Самата природна поставеност помеѓу Стајковци и Сингелиќ обезбеди брза реализација на овој проект, меѓутоа бргу се заглави во селото Инџиково, чија природна поставеност е многу неблагодарна и бараше огромни буџетски средства да се затвори овој проект. Што се случи? Селата Стајковци и Сингелиќ веднаш ја ставија во функција фекалната канализација која завршуваше во домовите на селото Инџиково. За да се реши проблемот во Инџиково, за само 800 метри фекална канализација моравме да одиме во длабина до 11 метри во услови кога подземните води кои се наоѓаат во тој регион се толку живи и при секој мал допир бликнуваа гејзери. Каптиравме неколку отвори со цел граѓаните да имаат можност да користат техничка вода и проектот го завршивме за скоро две години. Тоа градот го чинеше скоро 5 милиони евра. Многумина од вас не се запознаени со овој проблем, меѓутоа жителите на Инџиково тоа го знаат многу добро.
Почитувани, ова е само мојот приод за решавање на фундаменталните проблеми на секоја урбана заедница. Колку е исправен? Размислете и одлучете вие. Затоа што не е прв пат при поројни дождови да има мешање на фекалната и атмосферската канализација и да нанесува не само штети, туку и болести.